Силното невреме проследено со пороен дожд, грмежи, силен ветер и локална појава на град попладнево предизвика поплави и сообраќаен хаос во Скопје. Голем број улици и подвозници останаа под вода, а движењето низ главниот град е значително отежнато.
Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 пристигнале бројни пријави од граѓани за поплавени подрумски простории, дворови на куќи, магацински простории, подвозници и кружни текови, како и за заглавени возила и други ризици предизвикани од обилните врнежи.
Најпогодени од невремето, според досега пристигнатите информации, се општините Кисела Вода, Чаир, Бутел и Гази Баба. Од ЦУК информираат дека за сите пријавени случаи веднаш се известени Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и единиците на локалната самоуправа, кои постапуваат согласно своите надлежности. Во меѓувреме заседава и Кризниот штаб на Град Скопје, кој ги координира активностите на сите надлежни служби.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, претхоно соопшти дека Кризниот штаб и екипите на јавните претпријатија се целосно мобилизирани и се на терен. Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во 15:45 часот информираа дека во Скопската Котлина има јак пороен дожд, силни електрични празнења, засилен ветер и локална појава на град. Нестабилно време е регистрирано и јужно од Куманово, како и во југоисточните делови од земјата.
Сообраќајот на булеварот „Партизански одреди“ во правец кон Центар е во застој, додека низ централното градско подрачје сообраќајот се одвива отежнато. Поради поплавените коловози и намалената прегледност, автобускиот превоз се соочува со доцнења и отежнато движење. Надлежните институции апелираат граѓаните да избегнуваат непотребни патувања, да бидат особено внимателни при движењето и да ги пријавуваат сите итни случаи на бројот 112.
Oд општината Кисела Вода соопштија дека е свикната итна седница на Кризниот штаб. На терен се мобилизирани сите расположливи општински служби, кои работат на расчистување на критичните точки и обезбедување на безбедноста на граѓаните.
Т.Д.






