Си Џинпинг и Владимир Путин ги обновија плановите за изградба на нов гасовод помеѓу Русија и Кина, за време на дводневната посета на рускиот претседател во кинеската престолнина. Сепак, и двете страни не открија детали за договорот, и покрај тоа што неговото остварување е од исклучителна важност и за двете страни, и фактот што беа потребни години за тој да се усогласи.

–Постојаното поттикнување на долгорочен, здрав и висококвалитетен развој на кинеско-руските односи е стратешки избор кој заедно го направивме јас и претседателот Путин, имајќи ги предвид основните интереси на двете држави и пошироките трендови во глобалниот развој. Јас и претседателот Путин се согласивме да го продолжиме Договорот за добрососедство и пријателска соработка меѓу Кина и Русија, вели Си Џинпинг – Претседател на Кина.

Освен тоа што потпишаа други 20 договори за трговија и технологија, двајцата лидери во заедничката декларација повторно објавија воспоставување на мултиполарен светски поредок.
Кинескиот претседател без никаква грижа на совест ја потпиша таа декларација, во која се критикува американската војна со Иран, ликвидацијата на Ајатолахот Али Хаменеи, како и американската интервенција во Венецуела, без да ја спомне руската воена авантура во Украина. Враќајќи во иста мерка, Путин воопшто не ги забележува кинеската политика кон своите етнички и верски малцинства, како и прогонот на политичките дисиденти.
-Нашата цел е благосостојбата и просперитетот на рускиот и кинескиот народ. Овие непоколебливи темели овозможија нашата врска успешно да ги издржи тестовите за нејзината сила и издржливост во повеќе прилики. Изминативе 25 години од потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателска соработка, руско-кинеската соработка значително се зголеми. Нашите министри одржуваат блиски, конструктивни односи и активно работат на дополнително унапредување на заедничките проекти и иницијативи, кажа Владимир Путин – Претседател на Руската Федерација.
Сепак, без кинеските пари и технологија, не само што војната со Украина одамна ќе завршеше со пораз, туку и самиот опстанок на режимот на Путин ќе беше во прашање. Кина е најголемиот трговски партнер на Русија, додека купува дури 50 проценти од руското производство на енергенси, во исто време ја снабдува со дури 90 проценти од технологијата и компонентите потребни за производство на воената опрема која е неопходна за фронтот во Украина.
Игор Трајков
