Новата обвинителка во „Талир 1“, Енѓелуше Кадриу Леши ќе го прецизира обвинението за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ против екс премиерот Груевски, партијата и поранешни функционери. Пред да ги направи корекциите во обвинението ќе прави увид во економските вештачења поради што побара одлагање на денешното рочиште.
„Со оглед дека се работи за голем материјал. Тоа се две комплицирани вештачења, потребно е да се изврши увид, да се проучат и да се прецизира. Откако ќе направат увид, ќе се добие конкретна слика на се што треба да се прецизира, меѓутоа прецизирањата на диспозитивот нема да има големо значење“, рече Енѓелуше Кадриу Леши, обвинителка во ОЈО ГОКК.
Обвинителката ги бараше вештачењата во електорнскa форма, а одбраната се понуди да ѝ ги даде
„Вештачењата се предадени во судот како доказ, но јас ги немам во електронска форма за да извршам увид во истите. Можеби ги има и во копија, но се работи за голем материјал“, рече таа.
Следното рочиште е закажано за 3 јули. Тогаш Кадиу Леши ќе ги соопшти промените во диспозитивот на обвинението. Таа доаѓа на местото Ленче Ристоска која си подннесе оставка.
Одбраната во овој предмет уште во јануари побара изземање на Ристоска за кое тогашната в.д. обвинителка Исајловска не донесе одлука. Новиот државен обвинител Савески во првите 10 дена од мандатот ги повлече овластувањата на обвинителите кои водеа предмети од други обвинителства, со што Ристоска остана без двата предмета „Талир“, каде ВМРО-ДПМНЕ е засегната страна. Тоа беше една од главните причини поради кои си поднесе оставка.
На почетокот на годината застаре злоупотребата на службената положба за екс премиерот Никола Груевски и екс генералниот секретар Кирил Божиновски, а судењето против сите обвинети во „Талир 1“ продолжи за делото „Перење пари“ што застарува за девет години.
Елена Ивновска Мукоска
