Во мјузиклот ја создадовме душата на старо Скопје, градот за кој постојано се зборува и магичното во него. Вака режисерот Пројковски се осврна на новиот автентичен мјузикл „Као Какао“, работен и инспириран по мотивите на музиката на Влатко Стефановски, според текст на Венко Андоновски. Самиот мјузикл има многу важна порака, додава Пројковски дека нашата верба и одлука е клучна дали Скопје е крајот или почетокот на светот, не е доволно само да се сонува, туку и да се избориш за своите соништа.
„Всушност што е душата на старо Скопје. Душата на старото Скопје се луѓето. И мислам дека тој хумор, таа љубов, таа посветеност, таа верба ја има во овој мјузикл. Како што вели ликот што го игра Рубенс (Муратовски) дека всушност многу е важно во животот ако човек верува од гасеница со работа да стане пеперутка, бидејќи останатите луѓе се раѓаат и умираат како гасеници“, изјави режисерот Дејан Пројковски.
Возбудливо е да се гледа како расте еден проект и тоа посебно еден мјузикл кој во себе ги интегрира сите можни театарски жанрови, вели Стефановски.
„Најважно е од се, еве да речеме дека нема музика, мислам дека самата прикаска како драмски текст ќе помине фантастично, дури и да ја нема музиката. Еве и да ме нема мене доволно е да го има драмскиот текст и талентот на овој режисер кој седи до мене. Е сега тоа што сега тука е и мојата музика и игра некаква улога тоа ми чини особена чест, затоа што тука се дава еден нов живот, се продолжува животот на таа музика и на тие песни што сум ги пишувал во изминативе 50 години“, порача Влатко Стефановски, гитарист и композитор.
„Врвни професионалци, неколку од најдобрите луѓе што театарот и музиката во Македонија во моментов ги имаат. Сето тоа резултура со многу успешна работа и тоа може особено да се види на секојдневните проби што два месеца се одржуваат во Македонскиот народен театар“, рече Владимир Мандичевски, извршен продуцент.
Мјузиклот „Као Какао“ ќе ги има своите премиерни изведби на 2 и 3 јуни во МНТ.
Нина Стефанова
