Со ранци на грбот, спортска облека и добро расположение, голем број граѓани ова неделно утро го посетија Водно. Дел рекреирајќи се пеш, други со велосипеди, а имаше и посетители кои дојдоа со автобус или мотори. Убавото време ги измами сите генерации – од најмладите до повозрасните. Но зад сликата со полни патеки и рекреативци, се појавува и проблем на кој граѓаните се почесто реагираат. Велат дека на дел од патеките истовремено се движат и пешаци и велосипедисти, па стравуваат за нивната безбедност.
„Велосипедистите не бираат место, а особено оние младите што се уште не знаат ни како правилно да управуваат со него. Често пати може некој да настрада, ама нема кој да го регулира тоа. Можеби треба поубаво да се обележат тие стази за велосипеди и за пешаци“, вели жител.
„На овој дел кај што сме ние поминуваат и велосипеди и луѓе, ама веројатно право на планината имаат сите. Мое мислење е дека оние кои возат точаци внимаваат на тоа, не е потребно да има посебен простор на тоа, доволно е да имаат поголема култура велосипедистите“, кажува граѓанка.
За дел од рекреативците проблемот не е нов. Активната планинарка Андријана Коровешовска вели дека и самата била жртва на несоодветно возење велосипед по пешачките патеки. Пред камерата ја раскажа случката што и се случила додека пешачела на Водно.
„По патеките по кои се движам најчесто има премногу точаци и тоа се претежно малолетни лица кои возат со голема брзина. Мене ми се случи еден непријатен настан. Ме удри малолетно лице со велосипед. Јас се качував нагоре по патеката, а тој се симнуваше“, изјави Андријана Коровешовска, активен планинар.
Граѓаните бараат да се оделат патеките за пешаци и за велосипеди. Истите да бидат со знаци јасно обележани која патека за што служи.
„Сакам да апелирам до сите надлежни институции, а посебно до Град Скопје да се донесе некоја регулатива во која би се навело конкретно која патека би им ја доделиле на велосипедистите, а која на пешаците“, додаде Коровешовска.
Пред неколку недели на Водно имаше и инцидент меѓу татко со две малолетни деца и тинејџер велосипедист кој со голема брзина се движел по пешачка патека. По расправијата интервенирала и полицијата, а велосипедистот добил писмена опомена.
Тамара Марковска
