Шест години по донесувањето на Законoт за младинско учество и младински политики, надежта дека гласот на младите конечно ќе стане клучна алка во институционалното одлучување полека избледува. Наместо прогрес, најновиот мониторинг-извештај за 2025 година на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) алармира за системски застој, затворени врати во општините и сериозен недостиг на вистинска финансиска поддршка.
Иако законот јасно предвидува формирање на Национално собрание на млади и Национално советодавно тело, овие клучни механизми во 2025 година сè уште остануваат само празна законска одредба. Институционалниот лавиринт и префрлањето на надлежностите меѓу министерствата го оставија националното претставување на младите во „чекална“, оневозможувајќи им директно да влијаат врз политиките што го обликуваат нивниот живот.
Состојбата на локално ниво е уште позагрижувачка. Бројот на Локални младински совети бележи континуиран пад. Па так од 28 активни совети во претходната година, во 2025 година нивниот број падна на само 24. Ова значи дека само во секоја трета општина во Македонија односно околу 30% од младите имаат какво-такво советодавно тело.
Предизвиците се движат од недостиг на младински организации во руралните средини до незаинтересираност на локалните власти. Поразителен е фактот што само 21% од општините имаат усвоено локална стратегија за млади, а кај многу од нив овие документи се само „мртво слово“ на хартија без конкретни акциски планови за реализација.
Месецот јануари во 2025 година требаше да биде пресвртница. А тоа значи дека законскиот рок до кој секоја општина мораше да воспостави свој младински центар. Сепак, реалноста на теренот покажува дека функционираат само 13 центри во целата држава. Иако центрите во општините како Центар, Куманово, Велес и Охрид се позитивни примери, мнозинството млади во Македонија сè уште немаат безбеден простор за развој на својот социјален и професионален живот.
Финансирањето останува најслабата точка во имплементацијата на законот. Иако законскиот минимум е скромни 0,1% од општинскиот буџет, оваа обврска во 2025 година ја исполниле само 11 општини. Но, вистинскиот проблем лежи во тоа како се трошат овие средства. Извештајот нотира дека општините често под капата на „младински активности“ ги прикажуваат трошоците за спортски клубови, турнири во мал фудбал или културни манифестации, наместо да инвестираат во суштински младински политики, стипендии или работа на локалните совети.
Единствениот сегмент каде се забележува раст е именувањето на службеници за млади – дури 57 општини (70%) ја исполниле оваа обврска. Сепак, извештајот предупредува дека во пракса тоа се често веќе вработени лица кои оваа улога ја добиваат како дополнителен товар на нивните постоечки задачи, што ја доведува во прашање нивната професионална посветеност само на младите.
Препораките на НМСМ според извештајот се насочуваат кон итни законски измени за да се откочат националните механизми, воведување на посебна буџетска ставка за млади во секоја општина и вистинска професионализација на лицата кои работат со млади. Без овие чекори, младинското учество во Македонија ќе остане само добро звучна фраза во предизборните програми, додека реалноста ќе продолжи да биде во знакот на стагнација и заминати генерации.
Теа Димковска
