Вести Македонија

СДСМ со повик државата да се врати на европскиот колосек

Претседателот на СДСМ повика сите партии, граѓански организации и интелектуалци, да се приклучат кон нивната борба, државата да се врати на европскиот колосек. По вчерашната изјава на премиерот дека се подготвени да чекаат и децении, но нема да прифатат уставни измени без јасна предвидливост и конечен исход на процесот, најави дека ќе ги користат сите демократски механизми, ќе ја шират европската идеја и ќе им укажуваат на граѓаните што значи за државата невлегувањето во ЕУ: децении сиромаштија, иселување на младите, криминал и корупција без контрола.

„Не може и нема право Христијан Мицкоски и ВМРО да ја прават оваа работа. Оваа земја не е нивна своина.Од почетокот на независноста, ова е наша стратешка определба и не може да бараат некакви изговори дека се загрозени националниот идентитет, јазикот и така натаму. Ние тоа ќе го разобличуваме сè посилно“, рече  Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Премиерот вчера упати директна порака до меѓународната заедница и домашната јавност, нагласувајќи дека уставните измени не можат да бидат единствениот услов за напредокот на Македонија. Порача дека, владата нема да прифати диктати доколку не бидат исполнети и останатите клучни детали од преговарачкиот процес.

„Ние можеме да влеземе во авантура, ние не го игнорираме слонот, тој е во собата, ни го донесе претходната влада, но без да имаме јасен крај, да знаеме што добива македонската заедница во Бугарија, да имаме јасни заклучоци на Европскиот Совет, ние немаме намера да влегуваме во каква било авантура што ќе нè одведе во друго политичко мочуриште“, изјави премиерот  Христијан Мицкоски.

Мицкоски ветува дека, реформите и обврските кон ЕУ ќе бидат исполнети, „целта е државата да остане меѓу водечките кандидати во евроинтегративниот процес, но без компромиси кои би ја загрозиле националната позиција“.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Намален бројот на работници во индустријата

Kristina Kuzmanovski

Израел и Либан донеле одлука за примирје на целата либанска територија

Kristina Kuzmanovski

Германија за првпат не успеа да освои непостојано место во Советот за безбедност на ОН

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе