Гувернерот на Народната банка шокот од случувањата на Блискиот исток го оцени како поголем од оној во 2022 година затоа што конфликтот е многу поширок и не е локализиран. За сега според проценките на НБРМ нема потреба од затегање на монетарната политика. Но, доколку дојде до тоа Славески уверува дека ќе се внимава таквиот потег да не и наштети на економијата и на бизнис секторот.
„Народната банка располага со девизни резерви кои што се за 70 проценти повисоки од нивото пред пандемијата, што е многу битно за одбрана на девизниот курс доколку има некој придвижувања на девизниот пазар, а такви може да има. Имавме во првата недела после конфликтот мала конверзија на денарски депозити во странска валута, но тоа веќе се врати на почетното ниво. Депозитите се стабилни, нема некој посериозни движења. Располагаме со 5, 5 милијарди евра“, изјави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Смета дека поучени од претходните кризи првите мерки кои треба да се спроведат во ваква ситуација се оние кои ќе ги заштитат најранливите категории граѓани. Потоа, предлага ако има потреба и од поддршка за одредени сектори како на пример транспортниот. На граѓаните, пак, им препорачува колку е можно да штедат на гориво.
