Самостоен буџет, строги дисциплински правила, без чување предмети во фиока, често и вонредно оценување на работата на обвинителите, предвидува новиот Закон за јавно обвинителство, за кој пратениците денеска одлучија дека има потреба да се донесе. За Државен јавен обвинител ќе можат да конкурираат само актуелни јавни обвинители или судии кривичари.
Тој ќе може да добие уште еден мандат, но не последователно, туку по пет години откако ќе му истече првиот мандат. Обвинител отсега ќе може да се разреши ако „чува предмети во фиока“ и со тоа застари кривично гонење за функционери, или ако се работи за предмети со многу жртви, голема материјална штета или, пак, е загрозена безбедноста на државата. Ќе се разрешуваат и обвинителите кои ќе добијат две последователни негативни оценки за работата или имаат чести дисциплински повреди. Разрешувањето го врши Советот на јавни обвинители со осум гласа, по пријава на непосредниот претпоставен обвинител.
Министерот за правда пред пратениците рече дека со овој закон се врши целосна модернизација на јавно-обвинителскиот систем.
„Со овој закон се создава ефикасен и транспарентен систем на јавно обвинителство, усогласен со европските стандарди и со препораките од меѓународните извештаи и европските документи. Целта е да се обезбеди поголема доверба на граѓаните во правосудниот систем“, рече Игор Филков, министер за правда.
Од СДСМ учествуваа во работата на работната група за законот кој е дел од реформската агенда и најавија дека имаат забелешки кои се надеваат дека ќе бидат вметнати низ собраниската процедура.Сметаат дека вистински реформи можат да се направат само со уставни измени, кога јавниот обвинител би се бирал и разрешувал со квалификувано мнозинство во Собранието.
„Министре, треба да бидете похрабар и да носите решенија преку кои можеби ќе го отвориме и Уставот, но да кажеме пред граѓаните дека сме направиле сериозна реформа“, рече Оливер Спасовски, пратеник од СДСМ.
Од владејачкото мнозинство сметаат дека овие реформи се потребни за да се спречи користењето на јавното обвинителство како алатка за пресметка со политичките неистомисленици. Со новиот закон се предлага оценувањето на обвинителите да се врши на три години. Тие што ќе добијат негативна оценка, за една година пак ќе се оценуваат.Со намалување на платата од 20 до 30 отсто до шест месеци или со забрана за унапредување од три до пет години може да се соочи обвинител кој со умисла ќе ги повреди правата на странките во постапката, нема да постапува во законските рокови и ќе направи професионална грешка.
За да нема злоупотреба на дисциплинските постапки за елиминација на обвинители, во постапката ќе учествува и претставник од Здружението на обвинителите. За изречените дисциплински мерки ќе се води евиденција. Новиот закон ќе оди на јавна расправа во Собранието, а на комисиската расправа бидат повикани правни експерти.
Далиборка Демјанска Цветановска
Дигитална обработка: Т.Д.
