Скопјанец пукал кон сопругата, ќерките го спречиле во кривичниот чин, куршумот завршил во прозорот. Ново црно сценарио во дневниот билтен на Мвр. Уапсен е 55 годинишник од скопска Кисела вода кој по расправија во домот вперил пиштол и го притиснал чкрапалото кон сопругата. Тој е осомничен за семејно насилство и закани со огнено оружје. Вчера полицијата привела и двајца други потенцијални насилници на семејно насилство, вели министерот Тошкоски.
„За среќа немаме смртни последици. Повеќе детали не би сакал да споделам во овој момент и јас ги немам сите детсали знам дека насилникот, потенцијалниот насилник еве така да го кажеме пошто сеуште сме во фаза на истрага е задржан во рамки на полициска станица и за истиот согласно оние информации коишто ќе ги имам ќе биде процесуирана итна постапка за негово спроведување во рамки на судските постапки за понатаму“, вели Панче Тошковски Министер за внатрешни работи.
Ваквите случаи станаа секојдневие, а црната статистика во билтенот на МВР се пополна.
„Секој час во светот повеќе од пет жени или девојчиња се убиени од член на нивното семејство. Речиси секоја трета жена во текот на животот била жртва на физичко или сексуално насилство. Во нашата држава статистиката покажува дека во поврќе од 90% од случаите на пријави за семејно насилство како жртва се јавуваат жените“, вели Ален Деребан заменик министер за правда.
Секоја година во граѓанскиот суд пристигнуваат над 200 барања на мерки за заштита на семејно насилство. Но, бројот на констатирани жртви од социјалните служби е многу поголем. Лани 1754 биле жртви на семејно насилство. Најголем број биле жени.
„Имаме во седум плански региони осум шалтер центри државни и уште пет управни договори со лиценцирани даватели на специјализираните услуги за жртви на семејно насилство.И согласно сите европски стандарди оваа бројка треба да биде многу поголема“, вели Ѓоко Велковски заменик министер за социјална политика, демографија и млади.
Стравот од пријавување, недовербата во институциите, долгите и сложени судски постапки, недоволната координација помеѓу институциите сето тоа претставува дополнителна бариера за жртвите, велат надлежнте. Казните пак се премали.
„Апел до МВР охрабрете се, прифатете полициско овластување. Полицајците на терен врз основа на законската процедура и проценката на ризик да можат веднаш да го отстранат насилникот од домот како итна мерка која не зависи од волјата на жртвата“, вели Стојанка Мирчева професор на факултет за безбедност Скопје.
Денеска во Скопје министри,судии, обвинители, експерти се собраа на тркалезна маса на која се дебатираше за предизвици во обезбедувањето поддршка и заштита на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство.
Симона Петровска
