На големата сцена на Драмскиот театар од Скопје, утре вечер ќе биде изведена премиерата на претставата „ Ова е само крајот на светот“. Претставата е работена според наградената во Кан , адаптирана филмска верзија на текстот од францускиот автор Жан-Лик Лагарс. Адаптацијата , преводот и режијата ги направи Теа Беговска. Според неа, отуѓеноста на современиот човек, што и самата ја искусила, ја мотивирале да ја направи претставата.
Отуѓеноста меѓу членовите во едно семејство, неможноста да се искажат емоциите и да се возврати љубовта, се мотивите на ликовите во претставата „ Ова е само крајот на светот“. Неа ја постави режисерката Теа Беговска, според наградената во Кан со Гран при во 2016, адаптирана филмска верзија на текстот на Жан- Лик Лагарс. Беговска го направи преводот и адаптацијата на текстот, мотивирана, како што вели, од личните искуства поврзани со темата, во која што лесно се препознава современата публика.
- Целата тема на тие неискажани работи, отуѓеноста, одложување на вистината, на некој начин и на мене лично ми се имаат случено. Не само на мене , на сите нас. Значи, не сум јас нешто специјална. Меѓутоа, она што ме привлече во овој текст, е дека сите тие неразрешени релации, фамилијарни, е нешто што е кај нас секојдневие, рече Теа Беговска, режисерка на претставата.
Дејствието во оваа психолошка драма е фокусирано на враќањето дома по 12 години на угледниот писател Луис, во изведба на Стефан Вујисиќ. Средбата со братот, снаата , мајката и сестрата, создава емотивен ролеркостер кај сите. Но, за разлика од братот Антонио, што го толкува Александар Степанулески, кој има свои причини за гласно манифестираниот антагонизмот кон Луис, писателот ја задржува создадената дистанца од порано.
- Внатрешниот свет на Луис ме заинтригира најмногу. Баш поради тоа што нема многу говорење , туку се треба да се… Едноставно , мислите се тие што диктираат фацијални експресии и некакви манири, вели актерот Стефан Вујисиќ.
- Најважното нешто овде, што ние сакавме да го извлечеме со претставата од текстот, е што сите или повеќето семејства се разбира, на некаков начин се дисфункционални, кажа актерот Александар Степанулески.
Како форма, претставата е спој на драмска игра и филмски дискурс. Преку проекции со вклучени камери во живо, публиката допира до внатрешниот свет на ликовите, преку крупен план на нивните лица.Сценографијата и костимите се на Надја Василева- Ковачовска од Бугарија, а музиката е авторство на Енес Беговски.
Сотир Трајков
Б.С.
