Кинеската компанија „Аутофлај“ го претстави својот најголем електричен авион со вертикално полетување и слетување – „Матрикс“, прототип на летачко такси кое може да превезува до 10 патници.

Леталото има распон на крилја од околу 20 метри, должина од 17 метри и тежина од околу пет тони.
Според компанијата, електричната верзија може да лета до еден час и да достигне брзина до 280 километри на час.

„Матрикс“ е дел од новата генерација електрични летала наменети за урбана и регионална воздушна мобилност.

Електричната верзија може да помине околу 250 километри, додека хибридната би можела да достигне дури 1.500 километри.

Компанијата планира овие летала во иднина да се користат како летачко такси, но експертите предупредуваат дека ќе помине уште време пред тие редовно да превезуваат патници.

Главните предизвици за индустријата се безбедносните стандарди, регулативите и потребната инфраструктура.
Кинескиот производител очекува да добие тип-сертификат за својот модел до 2027 година, што би потврдило дека дизајнот ги исполнува безбедносните барања.

Сепак, за летачкото такси да стане реалност ќе биде потребен поширок развој на целиот „екосистем“ – од регулатори и инфраструктура до осигурување и управување со воздушниот сообраќај.
Б.С.
