„Нема да нè снема“ е слоганот на овогодинешниот осмомартовски марш кој ќе се одржи оваа седмица во недела во 12:00 часот. Како стартно место симболично ќе започне во Жена Парк Борец кој се наоѓа во центарот на Скопје. Маршот е гласен повик за здружено спротивставување на насилството врз жените, фемицидите и родово-базираните напади, со цел да се испрати порака дека жените нема да се помируваат со културата на насилство.
Од иницијативата „Осмомартовски марш“ упатуваат порака дека гневот не може да се одземе, па оттука и нема да молчат, прифатат и да се помират доколку институциите продолжат да бидат неми поддржувачи и поттикнувачи на насилство.
Тие потенцираат дека 2025 година била рекордна по фемициди и по случаи на родово-базирано и семејно насилство, а годинава која започна го прати истиот негативен тренд на зголемен број случаи на убиства и насилство врз жените и девојките. Фемициди, силувања, напади, закани, омраза, вознемирување, демнење, уценување, мизогинија и сексизам, не се изолирани инциденти туку резултат на нашето секојдневие кое ги дехуманизира жените додаваат оттаму.
„Во ова општество жената е оставена сама да докажува, да се штити, да бега и залудно да бара помош. Во ова општество жената е најнебезбедна токму онаму „каде што ѝ е местото“: дома. Ова општество ги учи мажите дека имаат надмоќ, дека жените се нивна сопственост и имаат право да ги поседуваат, контролираат, па дури и одземат нашите животи. Со години маршираме и се бориме за достоинство, слобода, безбедност, превенција, заштита и живот без страв. И оваа година ќе маршираме и со пркос кон културата на насилство ќе порачаме: нема да нè снема“, додаваат од иницијатава.
Маршот е апел до сите надлежни институции, кои со години игнорираат, минимизираат, релативизираат, поттикнуваат и дозволуваат насилство врз жени. Тие обвинуваат дека и заедницата која избира да им верува на насилниците, наместо на жртвите ја има истата одговорност.
Т.Д.
