Се прават планови како безбедно да се евакуираат македонските државјани од кризните подрачја на Блискиот Исток, зафатени од конфликтот. Од Министерството за надворешни велат дека се разгледуваат повеќе опции за нивно извлекување.
За граѓаните во Израел се планира траса преку Египет со комерцијални летови, а доколку биде неопходно ќе биде ангажиран и владиниот авион. За евакуација од Обединетите Арапски Емирати и Катар се прават планови за организирање комерцијален или чартер лет, во зависност од безбедносните и логистички услови.
- „Во изминатиот период, преку дипломатско-конзуларните претставништва беше асистирано при безбедното извлекување на едно лице од Иран – фудбалер, кој преку Турција се врати во Република Северна Македонија. Дополнително, шест македонски државјани од Израел веќе имаат обезбедено авионски билети од Египет кон Скопје, при што Министерството активно асистираше во нивната координација и заминување“, велат од МНР.
За сега, сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати. Евакуацијата ќе почне во првата безбедна прилика, велат од МНР.
Според последните информации вкупно 473 македонски државјани контактирале со македонските амбасади во Тел Авив, Доха и Абу Даби. Најмногу од нив, 348 во Абу Даби, а 106 во Катар.
Остануваат препораките до македонскиуте државјани кои се наоѓаат во кризните подрачја да ги следат насоките на тамошните власти, а 24 часа на располагње се и телефоните на кризниот штаб на Министерството за надворешни и на македонските амбасади и конзулати во земјите од Блискиот Исток.
Симона Петровска
Б.С.
