Тројца полицајци обвинети дека ја злоупотребиле службената положба и наместо на „Пулс“, за присуство на малолетници му пишале казна на блокираното кафуле „Класик“. Рекоа дека не се чувствуваат виновни на денешното судско рочиште. Двајцата инспектори од кочанската полиција Кирил Богатинов и Горан Лазаров се обвинети дека при акциски контроли не постапиле според плановите и на два различни датума во 2023 година во „Пулс“ констатирале прекршок, но напишале неточни податоци, наместо за фирмата „4М“ која стои зад „Пулс“, за фирмата „Класик ДМ“ кое било неактивно.
„Во тој Анекс-план е прецизирано што треба да преземат полициските службеници, како и кои податоци треба да се обезбедат од одговорното лице во правното лице, каде што е констатиран прекршок врз основа на соодветна документација, со цел тие да бидат внесени во записниците за констатирани прекршоци. Во конкретниот случај, не била побарана материјална документација, туку службениците во записниците внеле податоци „онака како што им било кажано“, рече Ивана Трајчева, обвинителка во ОЈО ГОКК.
На третообвинетиот Александар Темелков, помошник командир во кочанската полиција, на товар му се става тоа што ги потпишал таквите неточни барања за прекршочна постапка, без да ги провери документите.
Според обвинителката, на овој начин на „Пулс“ ѝ овозможиле да не плати казна, односно да прибави имотна корист.
Обвинителката денеска ги изведе материјалните докази, а сведоци не предложи. Одбраната, пак, најави двајца сведоци покрај останатите докази. Злоупотребата за која одговараат тројцата обвинети, според претходните измени на кривичниот законик, е до три години затвор.
Уште деветмина обвинети полицајци за злоупотреба треба да седнат на обвинителна клупа на 25 март. На 1 април е закажан по судење и за третиот предмет за полицајците и поврзаност со пожарот во „Пулс“ во кој 13-мина се обвинети за тешки дела против општата сигурност.
Елена Ивановска Мукоска
