Гинеколошко-акушерската клиника во соопштение до јавноста тврди дека во случајот со 34-годишна родилка со високо ризична бременост, биле применети сите современи лекови и истражувања за стабилизирање на нејзината состојба.
Таа на 27 февруари годинава била породена со четврт царски рез.
По операцијата, пациентката била сместена на интензивна нега каде ѝ била обезбедена механичка вентилација и континуиран кардијален и респираторен мониторинг, а биле повикани и кардиолог и невролог.
Од ГАК нагласуваат дека по силната градна болка и спроведената реанимација, пациентката, за жал, починала на 1 март.
Телото е предадено на обдукција, а по пристигнувањето на патохистолошкиот наод, клиниката ќе ја соопшти официјалната причина за смртта.
Случајот е разгледан и од Комисијата за контрола на квалитет и унапредување на здравствената услуга.
Клиниката изразува длабоко жалење и сочувство до семејството за загубата на млад живот и нагласува дека бил применет мултидисциплинарен пристап за третманот на пациентката.
