Ирански официјален претставник се закани дека земјата ќе го „запали“ секој брод што ќе се обиде да помине низ Ормускиот теснец – клучна рута за транспорт на нафта и гас – додека конфликтот на Блискиот Исток дополнително се заострува… Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека „најтешките удари“ врз Иран допрва следуваат, но одби да открие детали за тактичките планови.
Претседателот Доналд Трамп, обраќајќи се од Белата куќа, рече дека одлуката за воена акција била „последна и најдобра шанса“ за запирање на иранскиот режим.
Меѓувреме, иранските државни медиуми објавија дека е уништена американска воздушна база во Бахреин по напад со дронови и ракети, при што наводно биле погодени командни објекти и резервоари за гориво.
САД засега немаат официјален коментар за тврдењата, но Стејт департментот им нареди на американските државјани веднаш да го напуштат Бахреин и уште неколку земји од регионот. Претходно беше соопштено дека американската амбасада во Ријад била погодена од два дрона, со ограничена материјална штета.
Израел, продолжи со воздушни напади врз цели во Иран и Либан, вклучително и позиции на Хезболах во Бејрут.
Израелските сили издадоа наредби за евакуација во јужните предградија на либанската престолнина, додека либанските здравствени власти соопштија дека бележат десетици загинати. Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека Велика Британија намерно не се приклучила на нападите, нагласувајќи дека неговата влада „не верува во промена на режим од воздух“.
