Се што значело олабавување на основната цел, целосна заштита од чад во затворени простории било одбиено. Прифатени се предлози што носат поголема правна јасност и полесна примена на законот.
Јавната расправа заврши, финалниот текст на предлот законот за заштита од пушење следната недела треба да оди на Влада, а потоа и во Собрание. Точен датум за гласање нема, но од институциите уверуваат постапката ќе се турка во најбрз можен рок.
Десетици забелешки, предлози и реакции пристигнале на адреса на институциите за новиот закон.
Се јавиле стопански комори, здруженија, институции, невладини организации, но и граѓани. Дел барале појасни дефиниции, дел предупредувале на економски последици, а некои отворено се спротивставиле на рестрикциите.
– Дополнително прецизирање на дефинициите за „затворен“ и „полузатворен“ простор со цел да нема правни нејаснотии и потешкотии во имплементацијата; Прецизирање на забраните за ароматизирачки материи (адитиви) во тутунските и сродните производи согласно добрите европски практики; Усогласување на одредбите поврзани со надзорот и надлежностите на инспекциските органи; Прецизирање на одредбите за заштита околу образовни и здравствени установи и др. Прифатени механизми со цел подобра имплементација преку одложена примена на дел од одредбите на овој закон, велат од Министерството за здравство.
Она што е познато е обврската угостителските објекти, наместо три, да отстранат два ѕида доколку сакаат просторот да се смета за отворен.
Исто така, вејп-уредите, ајкос и сите слични производи ќе бидат забранети во затворени простории. За овие измени е предвиден адаптациски период од една година.
Целта според надлежните е заштита на граѓаните од штетните влијанија од пушењето и намалување на трошоците за лекување.
Симона Петровска
