Речиси 14 проценти од учениците на возраст од 13 до 15 години користат некаков тутунски производ. Дури 10 отсто од нив користат електронски цигари, што е повеќе од двојно зголемување во споредба со 2016 година. Загрижува и изложеноста на чад. Дури 57 проценти од младите биле изложени на тутунски чад, а 56 проценти престојувале во затворени простории каде што се пуши.
Сериозен проблем е достапноста за која повеќе од половина од младите испитаници изјавиле дека никој не ги спречил да купат цигари поради возраста. Ова го покажува истражувањето на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), спроведено во соработка со Светската здравствена организација (СЗО) и Министерството за здравство за 2024 година.
„Има тренд на зголемување. Во 2002-та година вкупно 9% од учениците кажале дека користеле вакви тутунски производи и во 2024 година овој број се зголемил на 13,6%. За двојно е зголемен и бројот на употреба на електронски цигари“, изјави Сања Прошева од ИЈЗ.
Поразителни се и глобалните податоци. Според СЗО, околу 14.000 деца на возраст од 13 до 15 години во светот пушат цигари. Зависноста, велат, не смее да биде почеток на адолесценцијата. Претставникот на СЗО, Аким Али вели дека државата мора посвети повеќе внимание, особено на тутунот кој е достапен и дозволен насекаде, а кој ќе се реши со новиот предлог закон.
„Овој закон не им забранува на луѓето да пушат ако тоа го сакаат, она што овој закон го прави е ги штити правата на непушачите за тие да не бидат изложени на чад од тутуни или аеросоли коишто би влијаеле на нивното здравје, меѓутоа особено за децата“, рече Аким Али од СЗО.
Од Министерството за здравство велат дека новиот Предлог-закон предвидува целосна заштита од пасивно пушење, ограничување на маркетингот и изложеноста на тутунски производи, намалување на нивната достапност и засилени контроли при продажба на малолетници. Јавната расправа на ЕНЕР е завршена. Работната група сега ги разгледува забелешките и одлучува што ќе биде вклучено во финалната верзија на законот за заштита од пушење.
Симона Петровска
