Европската Унија ќе се обиде да добие согласност од Европскиот парламент за договорот со Меркосур уште во првата половина од оваа година, порача еврокомесарот за трговија и економска безбедност, Марош Шефчович. Најави дека дебатата во Европскиот парламент ќе почне уште утре за што поскора примена на договорот со кој се создава најголемата зона на слободна трговија во светот. Идентично уверување добил и од сите министри во блокот Меркосур.
За некои делови од договорот, освен во Европскиот парламент, ќе треба одобрение и од националните парламенти во секоја од држави членки од двете страни на Атлантикот. Договорот, кој е оценет како историски и амбициозен, беше потпишан во време на политичка фрагментација и економска реконфигурација на светската сцена, иако наиде на жестоки критики од Полска, Унгарија, Австрија и Ирска и Франција.
Потпишувањето на договорот меѓу Европската Унија и МЕРКОСУР дојде речиси во исто време со објавата на претседател на САД, Доналд Трамп за царини кон осум европски држави кои се противат на американска контрола врз Гренланд.
С.Д.
