Покрај добрата програма, Скопскиот џез фестивал во Европа е познат и по дистрибуираните календари зашто европските џез фестивали тоа не го прават. Ова го кажа директорот на фестивалот Оливер Белопета на денешното матине , на кое беа промовирани календарите во голем и мал формат за 2026 година, со уметнички фотографии од учесниците на ланското издание на Скопскиот џез фестивал. Нивен автор е словенечкиот фотограф Жига Коритник.
„Зад нас имаме култен фотограф, кој во Скопје е од 1995-1996 година, Жига Коритник. Се разбира, доаѓа за време на фестивалот. Меѓутоа овие календари станаа многу познати низ цела Европа. Обично календари прават само некои големи фирми, итн. Тоа е нешто сосема друго. Во секој случај овие календари имаат свој статус и во Европа зашто половина од тиражот оди во Европа. И Скопскиот џез фестивал е познат не само по добрата програма и по односот кон фотографијата, дизајнот“, рече Оливер Белопета, директор на Скопскиот џез фестивал.
Сепак, во календарите кои посетителите на матинето можеа бесплатно да ги подигнат, не се вклучени сите блескави мигови од изданието на Скопскиот џез фестивал во 2025 година, вели директорот на фестивалот.
„Мораше да правиме избор затоа што календарот има 12, со насловната 13 страни. А, тука имаше фотографии од поголем број музичари кои свиреа“, кажа Белопета.
Белопета не сакаше да открие кои звучни имиња од светот на џезот ќе учествуваат на годинашното фестивалско издание. Кажа дека тоа зависи од средствата што ќе ги добијат од Министерството за култура и туризам со Годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес во културата. Сепак најави убави вести за крајот на февруари.
А, на матинето настапи новото трио на нашиот џез гитарист Тони Китановски. Тој свиреше со Оливер Јосифовски на контрабас и Алек Секуловски на тапани, кој по 10- тина години се врати од Канада во Македонија. Тие изведоа постар материјал од албумите кои Китановски ги снимил во издание на Скопскиот џез фестивал, но и некои нови необјавени нумери до сега.
Традицијата на промоција на календар со учесниците на Скопскиот џез фестивал се негува од 90-тите години на минатиот век.
Сотир Трајков
