Вести Македонија Најважни

Европски закон, македонски навики – ќе успее ли забраната за пушење цигари?

Со цигара во рака, но со порака: време е за промени. Граѓаните со поделени ставови околу пушењето, но на иста линија дека законот ќе го подобри квалитетот на живот. На улица, пред кафулињата и рестораните, во моментот цигарите се пушат секаде, но и за пушачите, како и за непушачите новиот, закон е исправен чекор. Тие велат ја поддржуваат најавената целосна забрана за пушење во затворени простории, сметајќи дека здравјето мора да биде приоритет.

„Мислам дека во ред е донесување на нов закон затоа што еве на пример ние непушачите кога ќе појдеме во некој ресторан сме изложени на чад. Мислам дека на почетокот ќе има мали проблеми бидејќи таков ни е менталитетот. Меѓутоа со тек на време мислам дека мерката ќе успее“, коментира скопјанец.

„Јас како пушач би кажала дека е добро. Еве и дома кога сме, јас не пушам цигари внатре туку надвор. Сметам дека ако самата себе се убивам, не треба и другите да ги убивам. Сега младите имаат поинаков начин на размислување така да сметам дека ќе се почитува“, вели жителка на главниот град.

„Добро е. На пример во близина има деца и бремени жени. И нив им штети тоа многу“, смета граѓанин.

„Мислам дека не е добро за здравјето. Тоа чини многу пари. Некои болести како рак чинат многу пари и некој треба тоа да го плати, а тоа е државата“, рече негова сограѓанка.

Од Министерството за здравство велат дека законот што го подготвиле е во согласност со европските стандарди. Пушењето, нагласуваат, е личен избор, но државата има обврска да одреди каде тоа може да се прави. Главната цел е заштита на здравјето на граѓаните, а не ограничување на личните слободи. Уверуваат дека не очекуваат негативно влијание врз угостителскиот сектор.

„Искуствата од европските земји кои веќе воведоа вакви законски решенија, како Ирска и Велика Британија и многу други, покажуваат дека овие мерки не претставуваат удар по угостителството и неговите приходи, туку транзиција кон поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент во угостителските објекти“, соопштија од Министерство за здравство.

Угостителите засега без конкретен план и идни чекори. Нивниот официјален став се уште се подготвува, и се очекува да биде објавен во наредните денови. Според последниот извештај објавен од Институтот за јавно здравје, податоците за  последиците од пушењето се алармантни. Голем процент од учениците користат тутунски производи. Податоците покажуваат дека една третина од младите пушат,  33,8% од момчињата и 32,1% од девојчињата се активни пушачи. Загрижува и употребата на електронски цигари, при што 31,8% од момчињата и 27,5% од девојчињата изјавиле дека ги користат овие производи.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Запленет накит на ГП „Табановце“, кривична против едно лице – македонски брачен пар од Белгија фатен во обид за шверц на злато

Sasko Dimovski

Шеесет и петгодишен работник од Куманово се здобил со тешки повреди по пад од зграда

Sasko Dimovski

Агент што го познавал Епстин пронајден мртов во стан во Париз

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе