Сојузот на синдикати застанува на браникот на работничките права, со јасна порака – „трпението е при крај“. Кога дијалогот молчи, улицата зборува, велат од Работничкиот дом и сметаат дека без протести и штрајкови, тешко ќе се стигне до фер и достоинствена минимална плата. Подготвуваат штрајкови во повеќе институции и блокади на улици, а не ја исклучуваат и можноста за генерален штрајк во јавен и приватен сектор.
Од ССМ велат наместо игнорирање, потребна е отворена и културна маса за преговори на која ќе се слушне реалната потреба на луѓето што живеат од својот труд, а сето тоа поткрепено со бројките од минималната потрошувачка кошничка. За минималната плата ставот на синдикатите е познат, сметаат дека повеќе од неопходно е истата да биде шестотини евра, затоа што петстотини евра веќе не се доволни.
„Упорно велат да се договориме со работодавачите, меѓутоа од другата страна работодавачите едвај чекаат да не се договорат со нас како претставници на работниците. Доста пати сме предупредувале и видовме дека нема ефект тоа куртоазно глумење на социјален дијалог во Економско-социјалниот совет, цело време сме како карани таму, дека само ние бараме повисоки плати. Борбата што следи нема да биде едноставна, ќе бара навистина голема поддршка од работниците којашто во моментов ја имаме, но и дека можеби ќе резултира и пред месец март да имаме некоја сума освен она законско усогласување од 1.500 денари коешто сите го знаат и сите го очекуваат“, изјави Иван Пешевски, потпретседател на ССМ за приватен сектор.
Според последните податоци од Управата за јавни приходи (УЈП), повеќе од 16.000 работници примаат нето-плата заедно со додатоци до 23.000 денари, што за синдикатите е загрижувачки. Во пресметките влегуваат исплатените плати во 11 месеци од изминатата 2025 година, што ја опфаќаат основната плата заедно со додатоците и се однесуваат на просечен месечен број на лица во секој праг. Директорката на УЈП, Елена Петрова, вели дека бројките се извадок од официјалните евиденции и се фактографски податок, без дополнителни анализи или толкувања на трендови и движења на платите.
„До износ до 23.000 денари во просек месечно имаат околу 16.000 лица. Во прагот од 23.000 до 45.000, овој опсег е најголем, тука има околу 365.000 лица месечно во просек. Од 45.000 до 61.000 денари плата примаат околу 82.000 лица. Над 1.000 евра плата примаат околу 56.000 лица“, рече Елена Петрова, директорка на УЈП, во „Топ тема“ на ТВ Телма.
Според Сојузот на синдикати, на едно работничко семејство му се потребни 2,6 минимални плати за да ги покрие основните потреби, односно една минимална синдикална кошничка. Еден функционер, пак, со својата плата може да си дозволи 2 до 2,5 такви кошници.
Петар Догов
