Општина Карпош ги побара документите од сопствениците на двата угостителски објектa кои од дел од граѓаните беа посочени дека пуштаат гласна музика и го нарушуваат мирот, а сопствениците тврдат дека работат според законот и дека досега ниту еднаш не добиле казна или опомена од инспекциите или полицијата кои ги проверувале нивните објекти.
Од Општината велат дека се во постојана координација со полицијата и дека на терен се заедно со општинскиот инспектор за животна средина.
„Овластениот инспектор за животна средина од Општина Карпош веднаш излезе на увид на лице место до двата посочени објекти и согласно законските прописи, доставена им е Покана на сопствениците за доставување на целосната документација за објектите според која може да се започне инспекциска постапка“, велат од Општина Карпош.
Иван Стоилов изнајмува еден од објектите веќе неколку месеци и тврди дека ниту еднаш досега не бил казнет поради кршење на закон.
„Најостро ги осудувам таквите невистини и клевети. Не посетуваат по пријави и од ПС Карпош и општинските инспекции и никогаш не е утврдена неправилност и гледаме секогаш да е во рамките на дозволеното. Ова е голем удар за мене како угостител кој сака да биде дел од оваа заедница да насочуваат клевети кон нас. Тие клипови се од поодамна, гледам дека е пролетно време. Јас сум, нов овде. Кај мене одговорно тврдам дека нема такви работи“, рече Иван Стоилов, сопственик на ресторан.
Жителите на неколку станбени згради на улицата Никола Русински во населбата Карпош 3 тврдат дека до два угостителски објекти има гласна музика и по истекот на законското работно време, бучава и караници.
Од МВР, пак, соопштија дека била примена пријава од граѓани, а тим од полициската станица Карпош извршил увид и немало никаков основ за да се изрече било каква казна.
Огнен Чанчаревиќ
Б.С.
