Зголемувањето на бројот на научни трудови е клучен чекор кон подобрување на квалитетот на високото образование и шанса македонските универзитети да се најдат меѓу најдобрите во светот. Образовните власти очекуваат да има повеќе работа од професорите, студентите пак бараат да престане да важи звањето – еднаш избран доживотен професор.
- „Потребно е да се излезе од концептот според кој, доколку некој стане професор, го задржува звањето доживотно без обврска за понатамошна научна продукција. Професорите треба континуирано да објавуваат научни трудови, бидејќи тоа е од исклучително значење за универзитетите да се позиционираат на Шангајската листа и на другите меѓународни рангирања на најдобри универзитети во светот“, изјави Бленди Ходаи, форум за образовни промени.
Од Министерството за образование и наука велат дека ваквите барања веќе се дел од нивните планови. Според нив, зголемувањето на бројот на научни трудови ќе биде услов за задржување на звањето универзитетски професор.
- „Министерството за образование и наука смета дека треба да се изработуваат повеќе научни трудови за да се потврди звањето универзитетски професор. Со воведување реизбор, професорите ќе бидат дополнително стимулирани. Целта е Македонија да влезе на Шангајската листа, за што се потребни околу 1.200 научни трудови годишно, додека во моментов на најголемиот универзитет се објавуваат околу 300“, кажаа од Министерство за образование и наука.
Денеска на брифинг беше најавено дека од наредната година ќе се воведе нов модел на државна матура – гимназиска, стручна и уметничка, при што учениците ќе полагаат предмети што ги учеле. Министерката за образование Весна Јаневска најави и „Ѕид на срамот“ за јавно објавување на купени или препишани трудови. Исто така, најавено е зголемување на буџетот за образование и покачување на платите на наставниците од 7 до 10 проценти, како и целосна дигитализација на услугите.
Тамара Марковска
Б.С.
