Се навршија 100 години откако во Атина, на барање на Друштвото на народите од Женева , во 1925 година бил објавен „Абецедар“ за учениците Македонци од Егејскиот дел на Македонија. Тој никогаш не влегол во употреба поради негаторските политики на соседите кон македонскиот идентитет. А, бил напишан на латиница како грчки маневар за да се избегне кирилицата, беше кажано на денешната промоција на „ Абецедарот- сто години потоа“.
Првиот „ Абецедар“ за учениците Македонци од Егејска Македонија, објавен во Атина 1925 година, на барање на Друштвото на народите од Женева, бил напишан на латиница како грчки маневар за да се избегне кирилицата што ја употребувале Бугарите и Србите. Ова денеска го кажа професорката по историја Виолета Ачкоска, на промоцијата на преобјавеното издание на „Абецедарот“ по еден век, кој поради негирањето на македонскиот идентитет од соседните земји никогаш не влегол во употреба . Во новото издание Ачкоска учествува со содржина која е мост од првото издание на „ Абецедарот “ до актуелното, по 100 години.
- „ Абецедарот е напишан на латиница. Веројатно тоа е грчки маневар повторно за да се избегне бугарската и српската кирилица. Бидејќи и Бугарите и Србите барале заштита на своето малцинство во Грција. А, Грците тврделе дека не се работи ниту за бугарско, ниту за српско малцинство, туку за автохтоно славоговорно население, како што тоа го викале, бидејќи одбегнувале да употребат некаков епитет македонски, вели Виолета Ачкоска, професорка по историја.
Транскрипцијата во новото , преобјавено издание на „ Абецедарот“, од латиница на кирилица ја направи професорката Елка Јачева- Улчар. Според неа, во оригиналот од пред 100 години се користел дијалект што во творештвото го применувал Крсте Мисирков. Неговата основа е од западниот дел на леринско- битолските говори, а акцентот е на третиот слог, од крајот на зборовите. Првото издание го направила тричлена комисија делегирана од грчката влада, во состав: Лазару, Папазахариу и Сагиаксис. Тие добро ја познавале Славистиката, кажа Јачева- Улчар.
- Моите истражувања врз основа на она како е предадено со латиница, се дека не се работи за Словени по род, не се работи за Македонци. Мислам дека се работи за Грковласи кои што имале солидно славистичко образование, по некои решенија, рече професорката Елка Јачева- Улчар од Институтот за македонски јазик „ Крсте Мисирков“.
„Абецедарот“ не е само прв учебник на македонски јазик, воопшто објавен, кажа историчарката Нада Јурукова.
- Ова е првиот буквар на македонски јазик за децата Македончиња од Егејскиот дел на Македонија. Ова е едно навистина многу важно, уникатно издание, кажа Нада Јурукова, професорка по историја .
Јурукова партиципира во новото издание со историскиот контекст кога се појавил букварот, но пишува и за положбата на Македонците во Егејска Македонија, за Друштвото на народите и за петициите што ги добивало, за признавање на македонскиот идентитет во Грција, во тоа време.
Преобјавеното издание на „ Абецедарот-по сто години “ е во издание на Здружението на Македонци од Егејскиот дел на Македонија, од Битола.
Сотир Трајков
