Шест научни труда од кои четири треба да се со ИМПАКТ фактор во иднина ќе бидат услов за добивање звање редовен професор на некој од универзитетоте во Македонија. Ова е новината предвидена во Законот за високо образование кој до крајот на месецов треба да се најде на ЕНЕР и да влезе во јавна расправа. Со Законот за првпат ќе се воведе и реизбор на редовниот професор за седум години, за што ќе биде потребно во тој период тој да има објавено книга, дел од книга или учебно помагало, за да го заслужни повторно звањето редовен професор. За тоа како ќе се мотивираат веќе избраните редовни професори за кои нема ретроактивно да важи оваа измена, Законот предвидува друг механизам кој ќе ги држи во кондоција.
„Со извештаи кои ќе треба да ги доставуваат до своето раководство, тоа се деканите, со менторства на постдипломски студии, докторски студии. Ќе бидат обврзани да се вклучат и во наставата и во науката. Нема да бидат после тие седум години повторно реизбирани, но целокупната нивна работа, образование, наука, апликативна дејност, администрација, ќе се валоризира и тие ќе треба да си ја исполнат задачата“, изјави Јаневска во синоќешната „Топ тема“ на Телма.
Освен за радовните професори повеќе научни трудови, пред се со ИМПАКТ фактор ќе бидат потребни и за стекнување и на другите професорски звања на универзитетите. Како што дознава Телма, за доцент и вонреден професор, ќе бидат потребни пет научни труда од кои три со ИМПАКТ, додека за некој да стане асистент ќе биде потребно да објави три труда во научни списанија. Министерката Јаневска не смета дека тоа ќе претставува проблем за подмладување на кадарот на универзитетите.
„Ние предвидовме, досега беше два труда за одбрана на докторска дисертација, сега предвидовме три труда од кои два во ИМПАКТ фактор. Тоа значи дека они автоматски исполнуваат услови за да бидат избрани во помлади асистенти. Јас се надевам дека во период од две до три години, ни ќе ги пополниме празнините кои ги имаат катедрите на факултетите и дека ќе добијат асистентски кадар, толку колку што им е потребен, и нема да има демонстратори, тие ќе работат на проекти“, рече Јаневска во „Топ тема“.
Измените во Законот за високо образование се прават за да осовременат студиските програми, но и да се зголеми квалитетот на Универзитете и ангажманот на наставниот кадар во научни цели, со оглед дека за влез на еден универзитете на Шангајската листа е потребно да публикува 1.200 научни трудови со ИМПАКТ фактор, додека, според информациите на Телма, најголемиот Универзитете во земјава „Св. Кирил и Методиј“ има продуцира годишно околу 300 трудови со ИМПАКт фактор
Дополнителна новина во Законот е предвидена развојна компонента за Универзитетите, односно тие во иднина ќе добиваат пари од држават според постигнатите резултати, односно оние што ќе имаат најдобри резултати во неколку столба од нивната поставеност, ќе добијат поголем буџет, додека оние кои нема да покажуваат резултати ќе добијат годишно помал буџет. Јаневска информираше дека ќе се донесе и формила за функционирање на универзитетите, која не е строго поврзана со законот, но ќе влијае силно на буџетите на универзитетите.
Ќе се јакне и контролата врз приватните универзитети кои не продуцираат квалитетен кадар, а ќе се прави целосна реформа на Агенција за квалитет на образование која одобрува студиски програми и дава дозволи за отоврање на универзитети и факултети.
Инаку Телма дознава дека Министерството за образование и наука ги повлекло средства од тековните научни проектите на Универзитетите кои ги финансирало МОН. Од Министерството ја потврдија оваа информација, со објаснување дека средствата се повлечни поради нивна недоволна искористеност и пренаменети за други потреби, бидејќи на 15 декември се затвора трезорската сметка на државата и таа ги повлекува неискоритените пари од буџетот назад во државната каса. Од Министерството за Телма информираат дека истите средства ќе им бидат вратени на Универзитетите во јануари, од новиот буџет, за да можат да ги довршат проектите за кои добиле средства на повикот на МОН за финансиарње на проекти од интерес за државата.
Тамара Грнчароска
