За неговите култни филмови „Убавите села, убаво горат“, „Рани“ , „Ние не сме ангели“ и „Парада“ се уште се зборува, но веднаш по објавувањето на неговиот прв роман „Лајк“ тој беше распродаден и се очекува второ издание. За актуелната состојба во Србија и позицијата на културата со Срѓан Драгојевиќ.

„Лајк“ е насловот на неговиот прв роман, чиј прв тираж беше веднаш распродаден за две недели. „Лајк“ е новата монета на денешницата, вели истакнатиот режисер, сценарист и писател Срѓан Драгојевиќ, да не ставите некому лајк денес значи дека го казнувате. Роман за една инфлуенсерка и за разорната моќ на социјалните мрежи.
- Всушност е многу забавен роман, но во суштина можеме да кажеме дека е еден хорор за младите. Иако читателите до сега, првиот тираж се продаде за две недели, како што ми кажуваат во книжарите купувачите се најчесто млади луѓе на околу 30 години, но јас би сакал романот да влијае позитивно на тинејџерите за да читаат. Моите две најмали деца имаат 13 и 14 години се бориме и со читањето, затоа што децата денес малку читаат, се бориме и со социјалните мрежи, колку минуваат време на нив Инстаграм, Тик Ток, Јутјуб, тоа е еден вид зависност како и дрогата, вели Срѓан Драгојевиќ, режисер, сценарист и писател.
Во рамки на годинашниот Саем на книга во Белград и претставувањето на романот „Лајк“, Драгојевиќ реши да направи компромис со кој не би се изневерил себеси доколку се знае што се случува во Србија.
- Не, јас го решив тоа на тој начин… кога издавачот „Лагуна“ ми кажа дека нема да работи на годишницата од падот на настрешницата и злосторството. Јас прифатив да потпишувам книги, но да не правам и промоција. Некако најдов некој компромис. Прв роман ми е и не мора баш Вучиќ да ми го расипе секое задоволство во животот, нели ? Можам да имам барем некое задоволство, па најдов компромис на некој начин да бидам присутен. Но промоцијата да биде за два дена во Белград, рече Драгојевиќ.
Во еден период сметав дека е неопходен генерален штрајк кој би започнал токму во културата, вели Драгојевиќ, но потоа сфатив дека државата никогаш и не била многу заинтересирана за култура .
- Не би знаел што да ви кажам… јас лично сум амбивалентен во тој поглед. Дали да се штрајкува и да се бојкотираат сите културни манифестации или да се одржува некој „пламен на културата“ во тешките времиња, тоа е многу тешка одлука. Мислам тешка одлука затоа што вие гледате дека на актуелната власт всушност ѝ не и пречи кога ќе се откаже некоја културна манифестација, за нив тоа е и заштеда, не мораат ниту пари да даваат. Сега кризата во Народно позориште, мислам дека Народно позориште е околу 30% од буџетот за култура во Србија и сега ако го затворите сте заштедиле многу пари нели. Особено нема конкурси за филм, така што заштедија многу на културата овие две години. А и не им е до култура, не одат во театар, не одат во кино, не читаат книги и тогаш им е лесно да гледаат како културните работници штрајкуваат, всушност сеедно им е. Тука е мојата дилема дали тој бојкот има цел или не, тоа е прашање кое секогаш си го поставувам пред себе.
На прашањето како ја коментира пораката која му била пратена преку еден пријател дека додека е актуелната власт во Србија тој нема да режира, Драгојевиќ кусо одговара:
- Мене ми е добро кога постојат чисти односи. Јас тие луѓе ги презирам, тие мене ме презираат и тоа е многу чиста работа. Најдобро е нештата да бидат јасни. И да знаете на што сте? Така е, рече Срѓан Драгојевиќ, режисер, сценарист и писател.
Нина Стефанова
