На вчерашниот прв круг од локалните избори, граѓаните гласаа за избор на градоначалници и членови на советите во 80 општини и Градот Скопје.
Според првичните резултати, веќе во првиот круг градоначалници се избрани во прв круг во 44 општини, покажуваат официјалните податоци на Државната изборна комисија.
Меѓу нив се Битола, Велес, Гевгелија, Штип, Прилеп, Кисела Вода и Гостивар.
Во 33 општини, меѓу кои Аеродром, Карпош, Центар, Куманово, Тетово и Град Скопје, ќе се гласа во втор круг, бидејќи ниту еден кандидат не освои над 50 отсто од гласовите.
Изборниот процес продолжува на 2 ноември, кога ќе се одржи вториот круг.
Во Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа првиот круг ќе се повтори поради недоволен цензус.
Во Старо Нагоричане сѐ уште е неизвесно дали ќе има втор круг, бидејќи водечкиот кандидат има точно 50 отсто од гласовите.
Бети Стаменкоска Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ е единствената жена избрана за градоначалничка во првиот круг од локалните избори 2025, и ќе ја води општина Кисела Вода.
Таа е една од вкупно 32 жени кои се кандидираа за функцијата, што е само 10,35% од сите 309 кандидати.
Во вториот изборен круг ќе учествуваат уште три кандидатки: Марија Нацева (ВМРО-ДПМНЕ) во Неготино, Наталија Димитриева (ВМРО-ДПМНЕ) во Демир Капија и Соња Стаменкова (СДСМ) во Македонска Каменица.
Во 16 општини и Градот Скопје на гласачкото ливче имаше само по една жена кандидат.
Иако жените беа дел од трката во неколку клучни општини, во голем број од нив воопшто немаше кандидатки.
