Од денеска е виш јавен обвинител, а во скопското меѓу последните одлуки беше да го отфрли предметот за ТОЕФЛ сертификатот по англиски јазик на Бојан Христовски, директор на АНБ.
Обвинителот Владимир Милошески тврди дека во предметот немало докази за кривично дело на директорот на најголемата безбедносна служба во Македонија затоа што имал два јазични сертификати, а сомнителниот, од школото Јулија во Пловдив не го користел за да ја добие позицијата.
ТЕЛМА: Значи има две работи?
-Да, има две. Едното е што си полагал во школото, во училиште за странски јазици, „Јулија“ во конкретниот случај. Второто е полагано онлајн. На ЕТС, рече Владимир Милошески, виш јавен обвинител.
ТЕЛМА: Значи, се враќаме на тоа дека е докажано дека „Јулија“ не постои и дека има осудени за тоа веќе?
Милошески: Не, вака сега. Не се изразив доволно прецизно. Она што е полагано во „Јулија“ не е користено како доказ во текот на постапката кога лицето конкурирало за определени места. Користен е другиот сертификат. За којшто е веќе истечен рокот за да може да се побараат податоци.
Милошески потврди и дека не барале потврда од ЕТС системот преку кој Христовски имал сертификат добиен по онлајн тестирање затоа што прочитале на сајтот на организацијата дека такви потврди се чувале кратко време по истекување на нивната важност, а тој на Христовски бил истечен и не важел повеќе од година и пол пред да почне истрагата.
Не сакаше да коментира за другите слични случаи кога директорки на градинка и болница беа осудени за фалисфикат сертификати од школото Јулија во Пловдив. Јас бев на конкретен случај, рече Милошески.
Тој изјавата ја даде неполн час пред да излезе соопштението дека претседателката на ДКСК Татјана Димитровска добила сертификат за државна тајна иако друг полагал за неа. Димитровска учествуваше и во одлуката за ТОЕФЛ сертификатот на Христовски кога Антикорупциска исто така ја отфрли претставката.
Но, обвинителството тврдеше дека нема фалсификат туку само сертификат кој нема важност поради истечен рок. И по таквата обвинителска одлука, ДКСК останува на ставот дека сертификатот на Христовски е валиден иако рокот му истекол неколку месеци пред да биде назначен за директор на АНБ.
-При постапувњето по конкретниот предмет, ДКСК ја имаше предвид важечката законска регулатива, согласно која, покрај останатото, услов за именување директор на АНБ е кандидатот да поседува еден од меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик, не постар од пет години. Овој услов во националното законодавство е предвиден и при избор и на други избрани и именувани лица, со што законодавецот ја истакнал намерата кандидатот да има полагано јазичен тест во последните пет години, ни одговорија од Антикорупциската комисија.
Антикорупциска порача и дека нема надлежност да утврдува валидност на документи. Ваквата пасивност на антикорупциската комисија е нотирана и во извештајот за владеење на правото, на Европската комисија, каде што побараа поголема активност на антикорупционерите во откривање на корупцијата на функционери.
Миомир Серафиновиќ
