Укинувањето на член 96 од Законот за полиција е опасен чекор наназад: еднаквоста, застапеноста и довербата во полицијата не смеат да бидат доведени во прашање
Платформата за родова еднаквост изразува сериозна загриженост и остро се спротивставува на предложените измени на Законот за полиција, веќе доставени до Собранието на Република Северна Македонија, со кои се предлага бришење на членот 96 – единствениот член што експлицитно го утврдува принципот на еднаквост и правична застапеност при вработување во полицијата.
- Член 96 од важечкиот Закон за полиција гласи:
- (1) При вработувањето во Полицијата треба да бидат соодветно и правично застапени граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, со почитување на критериумите на стручност и компетентност.
- (2) При вработувањето во Полицијата да се почитува принципот на еднаквост на половите.
Со ваквата измена, реагираат од Платформата за родова еднаквост, не само што се укинува единствената правна одредба која се повикува на родова еднаквост и инклузивност во полициската структура, туку се отвора простор за легитимирање на дискриминација, структурна нееднаквост и понатамошно маргинализирање на жените и заедниците кои и онака се слабо застапени во безбедносните институции.
- Оваа измена доаѓа во исклучително чувствителен момент – време на сериозни предизвици за јавната безбедност и растечка недоверба кон институциите. Во изминатите денови, сведоци сме на бран насилства, меѓу кои и фатален случај во Прилеп и вознемирувачки вербални и физички напади врз жени на јавни функции – инциденти што дополнително го актуелизираат прашањето за ефикасноста и пристапот на полицијата кон заштитата на основните права и безбедноста на граѓаните, велат невладините.
Наместо да се вложуваат напори во унапредување на стандардите за отчетност, професионализам и инклузивност, се предлага уназадување на клучна законска одредба. Тоа не само што е спротивно на националните стратешки определби, туку директно ги нарушува и меѓународните обврски на државата, вклучително и Истанбулската конвенција и Повелбата за основни права на Европската Унија.
Со ова, се испраќа опасна порака дека рамноправноста и правичната застапеност се секундарни, а не основни принципи на демократија, безбедност и човечко достоинство.
Жените, како и припадниците на сите различни заедници во општеството, имаат право да бидат еднакво вклучени во институциите што постојат за да ги штитат. Без нивно системско присуство, нема ниту правична заштита, ниту доверба, ниту вистински сервис за сите граѓани.
Од Платформата за родова еднаквост бараат итно повлекување на измените со кои се укинува членот 96, како и јасна институционална заложба дека принципите на еднаквост, инклузивност и недискриминација остануваат неприкосновени темели во изградбата на ефикасна, одговорна и праведна полиција.

СДСМ: Тошковски сака да ја партизира полицијата и да ја уништи кариерата и професионалноста
Панче Тошковски и Владата да ја партизираат и уништат полицијата како професионална служба. Со предложените измени на Законот за полиција, Тошковски директно удира врз кариерниот систем, го понижува знаењето и искуството и отвора вратите за масовно вработување на партиски војници и послушници на ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ.
Според опозицијата со измените на член 2, Тошковски предвидува за највисоките позиции да се поставуваат луѓе со несоодветно образование и без искуство на раководна позиција. Со тоа се деградира полицијата и наместо професионалци се носат советници со нејасно дефинирани улоги и заслуги.
Со член 4, се бришат критериумите за минимум 6 години искуство и 4 години раководна позиција за началник на СВР. Ова значи дека началник на СВР може да стане и човек кој вчера положил приправнички испит, односно било кој што ќе го избере Тошковски.
Со член 6, Тошковски ги укинува Регионалните центри за гранични работи и ги припојува кон СВР, спротивно на европските стандарди за контрола на границите. Уште еден чекор спротивно на препораките на ЕУ за безбедност.
Со член 12, се овозможува податоците во евиденциите да се бришат по 60 години, а не трајно, што отвора простор за манипулации и бришење траги за злоупотреби на нивните луѓе. Ова е смислена измена за да се амнетстираат оние кои Тошковкси ќе реши дека не треба да одговараат.
Со член 15, се подига возраста за вработување на 30 години, со што им отвораат простор за вработување на партиски кадри, а не млади професионалци. Уште еден удар врз младите и дополнителна можност за партизација.
Според СДСМ најскандалозно е тоа што со бришењето на член 19, се отвора можност луѓе кои се осудени и со забрани за работа да останат во полицијата и да бидат амнестирани од одговорност.
