Вести Најважни Свет

Зеленски во петок во Вашингтон на потпис – САД и Украина постигнаа начелен договор за ретките минерали

Договор без безбедносни гаранции, но гаранции за економска безбедност. Украина и Соединетите Американски Држави, според извори во Киев, постигнале рамковен договор за ретките минерали. На него инсистираше Трамп, како компензација за американската помош за Украина во војната со Русија. Договорот би можел да биде потпишан веќе во петок, при посетата на украинскиот претседател Зеленски во Вашингтон, најави Трамп по средбата со неговиот француски колега Емануел Макрон.

Извор запознат со ситуацијата, под услов на анонимност, истакна дека во нацрт договорот нема никакви американски гаранции, ниту продолжување на испораките на оружје, туку дека Соединетите Американски Држави сакаат „Украина да биде слободна, суверена и сигурна“, пренесува „Ројтерс“. Друг, пак, за британската агенција вели дека за испораките на оружје во иднина сè уште се расправа меѓу Вашингтон и Киев.

Американската страна ги извадила сите клаузули што не им одговарале на Украинците, посебно онаа за 500-те милијарди долари, истакна висок украински функционер за Асошиејтед прес. Тој додаде дека Вашингтон и Киев заеднички ќе управуваат со украинското рудно богатство, а приходите би оделе во нов фонд со кој двете земји, исто така, заеднички ќе управуваат.

Украина поседува 22 од 34 минерали кои Европската Унија ги идентификува како клучни суровини. Меѓу нив и материјали кои се користат во индустријата, градежништвото, потоа феролегури, како и благородни и обоени метали, како и ретки земни минерали. Проценките велат дека Украина поседува 20 отсто од светските ресурси на графит, кој е клучна компонента во батериите за електрични возила и нуклеарни реактори.

На тема Украина за денеска е закажан состанок и на лидерите на Европската Унија на кој, меѓудругото, се очекува Макрон да ги брифира за посетата на Вашингтон. Францускиот претседател се обиде да влијае врз Трамп и неговата позиција кон Украина, како и да го убеди да се избегне трговска војна меѓу ЕУ и САД. Во слична мисија во четврток во Вашингтон ќе патува и британскиот премиер Кир Стармер.

И додека Франција и Британија работат на идејата за распоредување на европски мировни сили во Украина, како гаранти на мировниот договор што евентуално би се постигнал, до крајот на неделата Москва најави нов состанок меѓу претставници на Русија и САД.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Американската амбасада ги предупреди своите државјани да избегнуваат подрачја во Белград

Дејан Дејан

Возилата на градскиот превоз во Белград не сообраќаат поради протестот на студентите

Дејан Дејан

Од погребните церемонии за ликвидираните генерали и научници Иран испрати пркосни пораки

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе