Вести Македонија Најважни

Димитриевски за дебатата за нов грб: Нѝ значи лавот, но нѝ значат и сонцето од Кутлеш и петокраката

Државниот грб таков каков што е во моментов ја отсликува реалноста на современата македонска држава, на македонскиот народ и сите етнички заедници. Ваков е ставот на претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, откако премиерот го отвори прашањето за промена.

Пред неколку дена Мицкоски потврди дека со Вреди веќе разговарале за нов државен грб. Димитриевски, пак, тврди дека ЗНАМ досега нема разговарано со никој на оваа тема, иако секој предлог е вреден за разгледување.

Прашањето за промена на државниот грб според владиниот партнер од албанскиот блок, Вреди, е добра прилика за пакет на промени и доуредување на другите етнички прашања како што е формулацијата за албанскиот јазик во Уставот.

Ценат и дека химната не ја одразува реалноста, на што од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека ниту се разговарало, ниту во иднина ќе се разговара за тоа.

Но, со дебатата за државниот грб ќе се отворат и други прашања, оценува лидерот на ЗНАМ.

Факт е дека еднаш имавме можност и го менувавме државниот грб односно ја исфрливме петокраката којашто исто така е неодминлив дел од нашата историја. Ако веќе разговараме за промени на грбот или на државните обележја, мислам дека ќе се отвори една голема дискусија и голема тема. Јас лично сметам дека овој грб којшто државата во моментов го има ги задоволува сите потреби и од историски континуитет и од географски континуитет, вели Максим Димитриевски, претседател на Движење ЗНАМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ не отстапуваат од ставот дека Македонија треба да го напушти друштвото на земји со стари државни симболи, но без конкретен одговор – зошто токму сега.

Државата има историско наследство коешто може да се отслика во современ државен грб, смета пратеникот Антонио Милошоски.

Македонија не сметам дека би требало да остане во друштво со Белорусија, со Таџикистан и со Ангола. Ова се едни од ретките земји во светот коишто с ѐ уште имаат советска симболика, по однос на државните грбови, вели Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Политичката јавност веќе дебатира, партиите се јавуваат со идеи – дали лав или рис е подобро решение, а Димитриевски од ЗНАМ е дециден – не смее да се дозволи во државните обележја да се наметнува политиката и преку нив да се врши партизација.

Факт е дека од историски и хронолошки аспект во државата многу симболи коишто се поврзани со Македонија и нејзината историја во минатото се употребувани и од страна на политички субјекти. Сите тие симболи нам нѝ значат вклучувајќи го и лавот и сонцето од Кутлеш коешто за жал согласно Преспанскиот договор повеќе не е составен дел од таа иконографија. Но, како и да е – исто така е и петокраката, вели Максим Димитриевски, претседател на Движење ЗНАМ.

Еден од лидерите на Вреди, Таравари, претходно повика да се решат етничките прашања, па да се фокусираме на економијата, евроинтеграцијата и корупцијата.

Аналитичарите на став – да не се прави дефокус од главните грижи.

Сѐ на сѐ, оваа тема повеќе може да ги окупира медиумите и етничките, религиозните и другите поделени структури во општеството, да се навраќаат и да дебатираат долго, наместо да се занимаваат со централните прашања, вели проф. д-р Цане Мојаноски, аналитичар.

Од СДСМ порачаа дека остро се спротивставуваат на идејата, сметаат дека сегашниот државен грб ги отсликува сите карактеристики на ова поднебје и нема никакви етнички обележја.

Доколку има официјална иницијатива ќе ги искористат сите демократски средства на располагање за да спречат промена.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сончево со мала до умерена облачност – Временска прогноза за 30.6.2025

Дејан Дејан

Демонстратите на денешниот голем протест во Белград побараа предвремени избори

Дејан Дејан

„Марш за ангелите“ во Кочани – семејствата на трагично загинатите млади луѓе бараат одговорност од институциите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе