Скопска Апелација ја прифати жалбата на Обвинителството и ја преиначи казната за Васил Јованов за поседување и продавање марихуана и кокаин. Претходно Кривичен суд пресуди воспитна мерка за него. Сега, откако Апелациониот суд ја преиначи пресудата, Јованов е правосилно осуден на вкупно три години и десет месеци казна затвор.
Судот пресудил пред два дена, а деталите за пресудата беа објавени денеска – само два часа откако родителите на Васил Јованов за првпат се појавија во јавност со адвокатот на нивниот син.
Тие најпрво изразија сочувство до семејството на Фросина Кулакова. На кобната ноќ на 29 јануари настрадаа двете семејства – велат мајката и таткото на Јованов.
Тврдат дека тие не му го дале возилото на синот, туку тој им го украл. И така било и првиот и вториот пат – еднаш кога нивниот син учествувал во сообраќајна несреќа со полесни повреди, а потоа на фаталната ноќ на булеварот „Партизански одреди“.
Двајцата родители емотивно и со солзи во очите излегоа пред камерите на медиумите, со зборовите – загубата на младиот живот е ненадоместлива, а бремето од тоа што се случи ќе го носат до крајот на животот.
„Најдлабоко, најискрено, мајчинско сочувство. Особено до мајката на Фросина, затоа што само мајка може да разбере како ѝ е на другата мајка. Таа вечер се затворија и се зацрнија два дома. Бремето од оваа ситуација ќе остане да тежи до крајот на нашите животи, на целото наше семејство. Како мајка стојам на целосно располагање ако со што било можам на другата мајка и на семејството, на каков било начин да се најдам во пребродување на овој претежок период“, изјави Ана Јованова, мајка на Васил Јованов.
Семејството на Јованов тврди дека живеат од плата, немаат други станови во Скопје, судии не познавале.
Татко му Зоран Јованов демантира дека некогаш се обидел да влијае на судски постапки – како вработен во Армијата не можел тоа да го направи. Негира дека тоа било случај претходно кога на Васил му се судело за поседување и продажба на дрога.
„Од аспект на родител не направив ама баш ништо за Васил да поминува низ системот неказнет. Тоа најодговорно го тврдам пред Бога и пред Вас. Иако неколку години имаше потешкотии да се откаже од пушење на трева, исклучиво трева, немаше други наркотични средства – навистина се смени. Си ги смени погледите, си најде психолог, го посетуваше, си најде духовен водач во „Св. Јован Бигорски“. Се слушаше со него, бевме таму. Имавме план да одиме и цела недела дури. Апсолутно сум човек што верува во казнивост и во одговорност“, изјави Зоран Јованов, татко на Васил Јованов.
Да се разгледуваат фактите, а не да се бара крв, да се повикува на линч и на „око за око, заб за заб“. Ова го вели адвокатот Сашко Дукоски и тврди дека денешната прес-конференција не е обид за намалување на тоа што се случило, туку повик за институциите да си ја завршат својата работа во судска постапка, наместо да се бара правда на улицата.
Дукоски вели дека со ноторни невистини се подгрева гневот и омразата кон осомничениот. Зборуваше за шпекулациите околу брзината со која возел Васил, како и наводниот обид за негово прогласување за непресметлив, со цел да се промени неговата правна положба.
Возилото со кое Васил ја усмрти Фросина на „Партизанска“ било купено во 2016 година, кога Васил имал 12 години и го користела неговата мајка за превоз до работното место.
Според одбраната на осомничениот, ноторна лага е дека Јованов се противел на одлуката за мерка притвор изречена од судија на претходна постапка, а неточно било и тоа дека до 22:30 часот бил еден судија, за потоа да се смени друг судија.
Сестрата на Фросина, Росица Кулакова, реагираше на социјалните мрежи по прес-конференцијата на родителите и одбраната на Васил Јованов.
Ги обвини дека се обидуваат да го негираат оправданиот револт на целата јавност.
„Не сте преземале никаква одговорност како родители, па уште и се нудите да нѝ помогнете“, напиша сестрата на жртвата.
Во објавата, посочува дека на родителите на Јованов не им одговара да профункционираат правосудството и сите останати институции.
Вчера, сестрата на Фросина, на социјалните мрежи напиша дека добила информација дека адвокатот Дукоски ќе објави видео снимено вечерта кога се случи трагедијата и ги повика медиумите да не го објавуваат истото.
Утре во родниот град на Фросина Кулакова, Неготино, ќе се одржи протестен марш со наслов „Стоп за сообраќајното насилство“.
Целта е да се испрати порака до јавноста и да се подигне свеста за трагедиите коишто се случуваат на улиците. Протестот е за Фросина, за Викторија, за сите жртви на сообраќајното насилство, како и за неефикасноста на институциите.
Петар Догов