Растурале лажни пари низ Европа, но „паднаа“ во рацете на правосудните органи. Во текот на вчерашниот ден е затворена печатница за фалсификувани пари и сузбиена е македонско-српска криминална група.
Десет лица беа уапсени во рамки на акцијата со кодно име „Вардар“, а обвинителството денеска соопшти дека е отворена истрага за шест од нив.
Осомничени се за злосторничко здружување, фалсификување пари, перење пари, а ќе се проверува и за други можни кривични дела.
При претресите на повеќе локации се одземени банкноти и друга опрема. Имало и оружје, телефони, лаптопи коишто сега се предмет на вештачење од доказниот материјал.
Криминалната група била организирана кон крајот на 2023 година на територијата на Македонија и соседна Србија. Функционирале сѐ додека да бидат фатени од полицијата, изработувајќи и пуштајќи во оптек фалсификувани средства.
Оваа истрага е со предзнак „меѓународна“, координирана е од страна на ЕУРОПОЛ, како и македонската и српската полиција.
Обвинителството побара притвор за шестмината осомничени.
„Беа пронајдени и одземени некаде околу милион евра лажни пари, но и вистински пари, како и опрема и предмети коишто служат за фалсификување пари. Опрема, машини, делови од машини, најразличен вид на материјали коишто служат за изработување на холограмите на лажните банкноти, но и одреден вид на хартија и хемикалии коишто служат за изработка на фалсификуваните банкноти“, изјави Дејан Петрески, предметен јавен обвинител.
Една од главните точки на групата бил стан на подрачјето на Скопје, каде биле направени специјални машини со гравирани плочи кои имитирале сигурносни знаци на пари, а се изработувале во различни апоени.
Потоа парите се пуштале во платниот промет на Македонија и Србија, дел завршувал во регионот како на пример во Словенија, Хрватска, Косово, Романија. Сепак, фалсификатите стигнале и до Западна Европа, односно Австрија и Германија.
Исто изработени лажни пари биле најдени минатата година во ЕУ.
„До декември 2024 година од ваков тип на фалсификати, бидејќи кога имате фалсификувани пари тие се класифицираат по одредена типологија, значи по типологијата што е најдена на лице место на настанот некаде имаме отприлика 1.150.000 или 1.200.000 евра најдено на територијата на различни земји, така што оваа околност дополнително ќе се проверува преку нашите партнерски служби“, кажа Ленче Ристоска, обвинител за врски со Европравда.
Во рамки на меѓународната акција дејствија се спроведени и во Република Србија.
Извршени се девет претреси, од слобода се лишени шест членови на организираната криминална група, при што пронајдени и одземени се околу 154.000 евра.
Петар Догов