„Затвор за Васил, затвор за Васил…“
Ова беше само една од паролите. Младите и сите други учесници на протестот гласно се обратија до сите. Бараат одговори – каде потфрлил системот и зошто убиецот на Фросина Кулакова, Васил Јованов, бил на слобода и покрај досието коешто го има во полиција.
Организирани беа на социјалните мрежи и собрани на местото каде што Фросина го изгуби животот по дивеењето на дваесетгодишникот зад воланот додека возел на Партизанска. Фотографијата од младата девојка сега е место каде што јавноста се простува од неа, со свеќи и цвеќе.
Дојдоа поранешни соученици, познаници и други граѓани бесни и гневни за тоа што се случи. На булеварот започна протестот, кој потоа продолжи на други локации.
Од Партизански одреди отидоа пред Собрание, Обвинителство и Кривичен за сите инстанци да слушнат дека народот бара најстроги казни за сторителите на тешки дела во сообраќајот, но и одговорност од сите кои од некои причини овозможиле дваесетгодишникот да остане неказнет и покрај криминалната историја, позната на органите на прогонот.
Граѓаните се категорични во своите изјави – не се чувствуваат безбедни во скопскиот сообраќај, дивјаштво по улиците гледаат секојдневно, а тоа доведува и до жртви како што е Фросина Кулакова – последна во листата.
Поминувам тука со точак три до четирипати дневно. Немам што да кажам. Се чувствувам бесно, воопшто не се чувствувам безбедно ниту како пешак, ниту како велосипедист, вели еден помлад соговорник и учесник на протестот.
Поради тој зелен бран, оваа улица, овој булевар „Партизански одреди“ веќе стана булевар на смртта. Ништо повеќе, додава друг учесник на протестот.
Внимание на шоферите, да се вози без алкохол. Тој дечкото ќе излезе од затвор и по две, пет или дваесет години. Таа веќе нема да стане. Мајката нејзина ќе тагува додека е жива, додава една од демонстратите.
На протестот имаше повозрасни, но и ученици, студенти и други млади. Од студентските организации не ја исклучија можноста за понатамошни протести во иднина, но имаат и свои барања и ултиматуми.
Ние денеска тука излеговме во знак на револт од корумпираниот систем којшто нѝ ја обиколи нашата држава. Всушност, ние ги бараме конкретните имиња и презимиња на јавните обвинители и на судиите коишто дозволија ова да се случи. Фросина не е единствената жртва којашто загина на овој булевар којшто ги одзема младите животи. Тука загинаа многу млади луѓе, вели Милица Давчева од „Студентски отпор“.
Првично би апелирале да се зголеми јавната свест и едукација преку наши конкретни предлози и дискусија со надлежните органи, а потоа доколку тоа продолжи би се организирале за вакви искажувања на револти, додава Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание.
Дваесетгодишникот Јованов пред два дена ја усмрти младата модна дизајнерка Фросина Кулакова, возејќи со огромна брзина, пијан и без возачка дозвола.
И два дена подоцна можат да се забележат парчиња од искршениот браник на неговото возило, на самото место каде што ја удрил девојката, поминувајќи на црвено.
Петар Догов