Солзи и плач. Нов, втор, тежок инцидент со удирање на лице со автомобил на антивладините протести во Србија за помалку од една недела. Попладнево е повредена 26-годишна студентка во Нов Белград која заедно со група луѓе беа застанати пред автомобил од марката цитроен. Во еден момент, возилото беше придвижено, пришто удри во две лица од кои студентката беше понесена неколку метри, што ги зовре страстите.
Но, автомобилот не стигна далеку. Беше запрен од густата блокада од луѓе. Приведена е 25-годишна жена за која по налог на дежурен јавен обвинител е одредено 48-часовно задржување поради основано сомнение за извршено кривично дело „убиство во обид“. Студентката беше итно превезана во болница, каде се констатирани повреди на главата.
Протестната студентска прошетка вечерва е пред зградата на РТС. Професори, студенти, ученици и граѓани попладнего ја блокираа и Автокоманда, како и Панчевачки мост.
Поддршка на генералниот штрајк, „општата граѓанска непослушност“ и студентските протести денеска изразија и дел од лекарите и медицинските сестри од неколку белградски и српски болници и институти, како и вработени во ИТ секторот. Денешниот генерален штрајк опфаќаше повеќе форми на искажување незадоволство и отпор против владините политики и генералната ситуација во општеството. Од протестни прошетки и 15 минутен молк, до бојкот на работата и блокирање сообраќајници.
Многу продавници и мали бизниси денеска исто така не работеа, а некои од нивните сопственици ја покажаа својата креативна страна, поставувајќи написи на влезовите „Затворено поради технички проблеми“ или „попис“. Властите не се задржаа само на закани за намалување на платата за учесниците во протестите, туку низ цела Србија беше забележливо засилено полициско присуство.
Иницијатори на денешниот генерален штрајк беа студентите. Тие најавуваат продолжување на искажувањето на граѓанска непослушност и во таа насока креираа веб страница со часовник кој одбројува до 27 јануари. Властите пак, ги обвинија дека работат за странски разузнавачки служби со цел уривање на владата.
Секојдневните блокади на сообраќајот во Србија се во знак на протест поради смртта на 15 лица кои загинаа во уривање на натстрешница на железничката станица во Нови Сад во ноември за која критичарите ја обвинуваат корупцијата во владата.
Сашко Димовски