Нова огнена стихија во близина на Лос Анџелес. Пожарот Хјуз зафати површина од 9200 хектари и неконтролирано брзо се шири поради силните ветрови и сувата вегетација. Се заканува да зафати четири населени места, поради што е издадена наредба за евакуација на над 50 илјади жители. Противпожарните екипи кои се на терен се обидуваат да го стават под контрола и од копно и од воздух. На терен се распородени повеќе од 4000 илјади пожарникари.
- „Имаме над 4.000 пожарникари распоредени да се справуваат со пожарот, а дадовме и силен одговор од земја и воздух кон предизвикот што го гледате зад мене“ изјави шерифот Ентони Мароне, противпожарната служба на округот Лос Анџелес:
Пламените јазици испуштија огромен облак темен чад во близина на езерото Кастаик популарна туристичка дестинација која се наоѓа околу 64 километри од населбите Итон и Палисејд, кои горат веќе трета недела. Пожарот Хујз се разгоре во близина на планиската област што се граничи со неколку населени места. Огнот се шири со огромна брзина, а во рок од 24 часа успеа да опожари 40 квадратни хектари сува вегетација.
Според локалните власти пожарот се уште е надвор од контрола, а прогласен е и црвен аларм за предупредување за критична опасност.
- „Во моментов, бројките што ги имам се дека имаме приближно 31.000 луѓе се опфатени од нашите наредби за евакуација. Уште 23.000 се засегнати од предупредувањата за евакуација“ изјави шериф Роберт Луна, округот Лос Анџелес.
Toj додава дека од затворот во областа се евакуирани речиси 500 затвореници.
- „Едниот објект, ПД Југ, ќе биде евакуиран. Во него имаше приближно 476 затвореници. Ги преместивме тие затвореници во друг објект во кампусот“ додаде шерифот Роберт Луна, округот Лос Анџелес.
Уште два други пожари пламнаа и на југ во близина на Сан Диего. Дождот кој се најавува за време на викендот е единствената позитивна вест, која им дава надеж на противпожарните служби во борбата со огнената стихија, но сепак носи и стравување од свлечишта, поплави и одрони.
Од почетокот на годината пожарите во Калифорнија одземаа 28 човечки животи, и опустошија илјадници куќи и објекти. Земјата ги прогласи за едни од најразорните пожари во историјата.
Теа Димковска