Вести Македонија Најважни

Не беа за испис, мајката инсистираше и се потпиша – од прилепската болница за смртта на предвремено родените близнаци oд с. Славеј

Новородените близнаци од прилепско Славеј, кои измрзнаа до смрт во домот, не беа за испис од болница само затоа што имаа мала телесна тежина под 2 килограма. Иако здравствената состојба им беше добра, сепак, имаше ризик за несакани последици, велат од Одделението за неонатологија во болницата во Прилеп. Момчето и девојчето се родија на 30 декември, а беа испишани на 10 јануари. На прашањето на Телма дали пред отпуштање од болница е направена лекарска проценка за ризкот по здравјето на предвреме родените бебиња, од болницата велат дека исписот е направен на инсистирање и со потпис на нивната 23-годишна мајка.

„Близначињата се родени во 34-та гестациска недела, едното тешко 1.970 грама, а другото 1.760. Пред исписот беа во добра општа состојба, без кислородна поддршка, без никаква терапија. Одлично примаа храна, а нивната телесна тежина беше со тенденција на пораст. Новородените не беа за испис само поради ниската телесна тежина, но и покрај убедувањето од лекарот, мајката инсистираше и беа испишани и покрај објаснувањето за можни последици“, вели др Лилјана Христоска, раководителка на Одделението за неонатологија во Општа болница Прилеп.   

Сега се отвора и прашањето дали била задоцнета и посетата на патронажната сестра на родилката и близнаците во село Славеј. Според директорот на болницата во Прилеп, Кирил Јоноски, патронажните сестри ги посетуваат сите бебиња, без исклучок, на петтиот ден по отпуштање од  болница, а кај близнаците во село Славеј посетата била на 16 јануари, истиот ден кога бебињата починаа. Сепак, Упатството за патронажна дејност што го утврдува министерот за здравство, вели дека првата посета се прави уште првиот ден по отпуштање од болница.

„Првата посета на новородено и родилка се прави првиот ден од излегување од породилиште. Доколку родилката е отпишана за време на неработен ден се посетува првиот следен работен ден или во договор со неа. Секоја патронажна сестра ги анализира патронажните посети при што се води сметка посетата на ризичното новородено да има приоритет, пишува во Упатството за патронажна дејност, се наведува меѓу другото во Упатството за патронажна дејност.

Состојбата на двете новороденчиња драматично се влошила, само шест дена по излегување од болница, кога родителите во домот во село Славеј повикале Итна медицинска помош, но екипата кај момчето само констатирала смрт, а девојчето веднаш било однесено во болница, каде почина два часа подоцна, како што соопштија од Болницата како последица од премрзнување.

Обдукцијата што ја побара Обвинителството треба да ги утврди точните причини за смртта. Министерот за здравство Таравари очекува надзор од ДЗСИ во Општата болница во Прилеп за да утврди дали има лекарски пропуст.

Емилија Мисирлиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Паднал низ прозорец“ – почина потпретседател на руска нафтена компанија

Дејан Дејан

Нашиот животен сон стана реалност – Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска, младоженци на годинашната Галичка свадба

Дејан Дејан

Бројот на повредени во експлозијата на бензинска во Рим се искачи на најмалку 40

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе