Вонредните инспекциски надзори не утврдија недостатоци кај матичниот лекар во Свети Николе, кај Клиничката болница во Штип и кај Клиниката за дестки болести во Скопје во врска со смртта на деветгодишното момче Н.А. од село Пеширово во вторникот, соопшти Државниот санитарен и здравствен испекторат (ДСЗИ).
Инспекторите по надзорот утврдиле дека деветгодишното дете Н.А. со матичен доктор било третирано во ПЗУ Д-р Оливер во Свети Николе. Во ординацијата, првпат се јавило на 14 јануари 2025 година, заради болки во стомакот и повраќање, кашлање, висока температура (39 степени) и неспиење претходниот ден.
„При преглед детето било поспано, афебрилно, без убедливи знаци за дехидратација. Направени му се лабораториски испитувања по што дадена му е инфузиона терапија во тек на која кај детето настапува сомнолентност со слаба реакција на говор заради што е упатено во ЈЗУ Клиничка болница Штип“, се вели во соопштението од ДСЗИ.
Според извештајот на ДСЗИ, во штипската Клиничка болница детето е донесено со такси возило, примено е попладнето околу 18 часот, прегледано е од дежурниот доктор при што е поставена дијагноза сомноленција.
Заради лошата општа здравствена состојба, како и наодите од лабораториските испитувања и КТМ, детето во придружба на медицинска екипа (доктор, сестра) со болничко возило е транспортирано во Клиниката за детски болести во Скопје.
„Во ЈЗУ Универзитетска Клиника за детски болести-Скопје, детето Н.А. е донесено на 14.01.2025 година во 20:25 часот како итен случај со дијагноза сомноленција по претходна најава и договор за прием со дежурен доктор од Одделот за неврологија на Клиниката. На прием детето е во општа тешка состојба, поради што веднаш е започната со рехидратација и корекции на биохемиски параметри. Во 22:25 часот има дополнително влошување со респираторен и кардиак арест, започната е реанимација во тек на која е симнато на ОИНТ за понатамошен третман. Состојбата на детето и понатаму се влошува и покрај сите пропратни интервенции, реанимацијата не е прифатена и во 23:30 часот настапува егзитус“, се вели во извешатјот на ДСЗИ.
Од извршените вонредни инспекциски надзори во наведените здравствени установи каде починатото деветгодишно дете било лекувано, Државниот санитарен и здравствен инспекторат согласно своите надлежности не констатираше недостатоци.