Седумгодишно дете е убиено а три други ученици и една наставничка се повредени кога 19 годишно момче вооружено со нож влегло во основното училиште Пречко во Загреб и започнало да ги напаѓа децата.
„Во овој момент, и според информациите кои ги имам, сите пет повредени кои се донесени во болниците се надвор од животна опасност. Ќе го утврдиме текот на настаните, службите сѐ уште се на терен. Според последните информации нема повеќе повредени.“изјави Ирена Хрстиќ министерка за здравство на Хрватска
Идентитетот на напаѓачот хрватската полиција засега не го открива, но потврди дека бил поранешен ученик во Пречко, и дека живеел во близина на училиштето.
„Јас, сите родители, сите баби и дедовци, сите сме во шок затоа што мислеме дека ова се случува само во Америка, и дека во нашата убава земја тоа не може да се случи. Но, за жал се случи а последиците по децата ќе бидат долгорочни.“
Откако ги избодел седумте децата, 19 годишникот избегал од училиштето во соседниот Здравствен дом, каде се заклучил во тоалетот и се обидел да се самоубие, но полицијата успеала да го спречи. Тој ѝ бил познат на полицијата како лице со психички проблеми и веќе еднаш се обидел да изврши самоубиство.
„10 минути по првата пријава извршителот бил совладан од полицијата. Тој избегал од местото на настанот и се затворил во блиската зграда на Здравствениот дом, и почнал да се самоповредува, исто така со нож. Полицијата всушност го спречила да изврши самоубиство.“ изјави Давор Божиновиќ – Министер за внатрешни работи
Деталите околу нападот сѐ уште се нејасни затоа што сите повредени деца се на различна возраст. Според првичните информации повредените деца се на возраст од 7, 11 и 15 години. Дел од хрватските медиуми, вратата од училиштето била отклучена и 19 годишникот слободно си влегол во 9 часот и 50 минути и го нападнал првиот ученик што го видел. Неколку минути подоцна, едно од помалите одделенија се враќало кон училница од појадок кога прво на подот во ходникот забележале крв а потоа и го виделе како тепа едно дете. Во тој момент исплашените дечиња започнале да бегаат, но нејасно е дали напаѓачот влегол во училница или целиот инцидент се случил во холот на училиштето.
Игор Трајков