Со испитување на сведоци на Обвинителството денеска во Кривичниот суд продолжува судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
На минатото рочиште инспекторите во СВР Скопје и Велес посочија дека двајца од осомничените ги довеле до телата на Вања и Панче.
„Бадијала губиме време. Таа е киднапирана. Таа е убиена“, овие зборови на татакото Вања ги кажа во своето сведочење на рочиштето пред два дена началникот од СВР Скопје, Музафер Каришиќ. Според него, однесувањето на Ѓорчевски било конфузно и чудно.
Тогаш Каришиќ потврди дека Ѓорчевски и неговиот пријател Гоце Трајковски им праќале видеа и фотографии на полицијата кои сметале дека ќе им бидат од корист. Меѓу нив била и слика од камера од бензинската станица во Велес од Цитроенот на Жежовски, иако полицијата тогаш воопшто ги немала поврзано двете грабнувања. Нова информација беше и тоа дека имало камера која гледала на влезот од зградата каде што живееше Вања, но полицијата утврдила дека каблите биле пресечени.
По рочиштето Владимир Туфегџиќ, адвокатот на Ѓорчевски рече дека сведокот изнел само лични ставови и размислувања без аргументи на што се темели неговиот сомнеж.
Каришиќ пред судот откри и дека обвинетиот Влатко Кешишев е тој што ја однел полицијата најпрвин до местото на опожарениот Циторен, а потоа и до местото каде девојчето е убиено и закопано, иако се плашел од првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо.
Влатко Кешишев ја однел полицијата на местото каде била закопана Вања
