Вести Македонија Најважни

Влатко Кешишев ја однел полицијата на местото каде била закопана Вања

Бадијала губиме време. Таа е киднапирана. Таа е убиена

Ова според началникот од СВР Скопје, Музафер Каришиќ кој денеска сведочеше пред Кривичниот суд постојано го повторувал таткото на Вања, Александар Ѓорчевски за време на потрагата. Според него, однесувањето на Ѓорчевски било конфузно и чудно.

„Не наведе конкретна причина. Го прашувавме пред да тргнеме во потрагата, зошто, дали должи пари на некого, дали му се заканувал некој, дали е некој функционер во прашање. Зошто некој би ја киднапирал ќерка му?“ изјави Музафер Каришиќ, началник во СВР Скопје

Инаку Каришиќ потврди дека Ѓорчевски и неговиот пријател Гоце Трајковски им праќале видеа и фотографии на полицијата кои сметале дека ќе им бидат од корист. Меѓу нив била и слика од камера од бензинската станица во Велес од Цитроенот на Жежовски, иако полицијата тогаш воопшто ги немала поврзано двете грабнувања. Нова информација беше и тоа дека имало камера која гледала на влезот од зградата каде што живееше Вања, но полицијата утврдила дека каблите биле пресечени.

Владимир Туфегџиќ, адвокатот на Ѓорчевски смета дека сведокот изнел само лични ставови и размислувања без аргументи на што се темели неговиот сомнеж.

„Денеска можевме да видиме и да слушнеме дека да не биле Александар и лицето Гоце ние денеска веројатно уште би претпоставувале што и како се случува со овие луѓе кои се воделе како исчезнати и веројатно уште немаше да имаме епилог. Токму овој сведок е човекот кој Александар го донел на обвинителна клупа без ниту еден аргумент, без ниту еден доказ. Наместо да го направи она за што бил платен од граѓаните и била доведена во прашање нашата безбедност и само е добро што тој повеќе од три месеци не ја раководи таа служба, рече Туфегџиќ.

Каришиќ пред судот откри и дека обвинетиот Влатко Кешишев е тој што ја однел полицијата најпрвин до местото на опожарениот Циторен, а потоа и до местото каде девојчето е убиено и закопано, иако се плашел од првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо.

„Ќе те однесам. Ќе ти кажам, меѓутоа се плашам да не ме каже некој од колегите кај Палчо. Палчо ќе ме убие“.

Кешишев кажал и дека присутни биле Палевски и другите соизвршители Велибор Манев и Боре Видевски, како и каде била закопана лопатата со која се копале дупката, а недостасувал и копачот кој исто така бил искористен. Кешишев и посочил на полицијата и дека Видевски бил во возилото со Жежовски на снимката од камерите на бензинска станица во Велес. Тогаш и полицијата сфаќа дека двата случаи се поврзани.

На прашање на обвинителството до сведокот дали Кешишев го информирал дека носеле ракавици да не остават траги на местото на злосторството, сведокот потврди. Немало траги од комуникација меѓу обвинетите, бидејќи комуницирале со мотороли преку радио врски.

„Самото сведочење денеска на началникот на полицијата беше во најмала рака контрадикторно само на себе и наведува на заклучокот дека ниту еден од обвинетите нема врска со убиството. И второто сведочење на поранешниот началник на СВР Велес оди во таа насока“, рече Бојан  Манев.

Ристе Самарџиев, поранешен началник на СВР Велес, сведочеше дека до местото каде бил закопан Жежовски ги однел Манев.

„Он ни кажа дека тие се виновници за убиството на Вања. Прво што кажа е местото каде што е убиена и закопана Вања. Потоа ни кажа и за Панче.“

Манев притоа ги посочил сите обвинети како соучесници, а дека Палевски е тој што го извршил убиството на Жежовски. Инаку Палевски ангажираше уште еден адвокат Јовица Страшевски. Судењето продолжува во петок со сослушување на други сведоци.

Марија Митева

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Хиперхлорирање на системот и тројно тестирање на водата во Гостивар, наложи Управувачкиот комитет

Sasko Dimovski

Среќа е што нема жртви во невремето – експертите апелираат да запрат импровизациите во градењето и да се проверат многу конструкции

Sonja Petrusevska

САД ќе објават договор што ќе ѝ овозможи на Саудиска Арабија да развива цивилна нуклеарна програма

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе