Низа реакции по последните напади на Израел врз позиции на Хезболах во Либан во кои беа повредени пет мировници на Обединетите нации.. Мировните сили на ОН во јужен Либан соопштија дека дел од ракетите го погодиле нивното седиште во центарот на Бејрут.

Нападите дојдоа додека Израел ја ескалира својата кампања против Хезболах со бранови силни воздушни напади низ Либан и копнена инвазија на границата, по една година размена на прекуграничен оган со милитантите на Хезболах.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху утрово реагираше на ситуацијата со повик до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, да ги отстрани мировниците од „упориштата на Хезболах“. Тој тврди дека УНИФИЛ е злоупотребен и дека нејзините припадници се „заложници на Хезболах“.

Би сакал директно да апелирам до генералниот секретар на ОН време е да ги повлечете УНИФИЛ од упориштата на Хезболах и од борбените области. ИД постојано го бараше тоа и беше дочекан со постојано одбивање, се со цел да се обезбеди „живиот штит“ на терористите на Хезболах. Вашето одбивање да ги евакуирате војниците на УНИФИЛ ги прави заложници на Хезболах. Ова ги загрозува и нив и животите на нашите војници. Жалиме за повредата на војниците на УНИФИЛ и правиме се што е во наша моќ да го спречиме ова во иднина. Но, едноставниот и очигледен начин да се обезбеди ова е едноставно да се извлечат од опасната зона“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Поранешниот либански премиер Фуад Синиора изрази сериозни обвиненија против Израел, тврдејќи дека извршил „воени злосторства“. Овие напади, кои го погодија и седиштето на мировните сили на ОН, доведоа до повреди на мировници и загуба на човечки животи.
Ова е нешто многу лошо. Она што го направи Израел се надевам дека ќе го разбуди вниманието на светот. Ова не е првпат да ги гаѓаат силите на ОН. Мислам, тоа не е единственото, има многу воени злосторства што веќе беа извршени од Израел. На неколку места убија толку цивили, а последното се случи пред два дена, изјави Фуад Синиора, поранешен премиер на Либан.

Синиора предупреди дека ако не се преземат соодветни мерки за решавање на конфликтот, Либан може да се соочи со сериозни последици и можен колапс.
Да нема никакво сомневање, во текот на изминатите години, Хезболах успеа, како што велите, да ја киднапира земјата, да ја киднапира владата на Либан. Либан не може да си дозволи Иран да продолжи да се плетка не само, мислам директно, туку повторно преку своите пипала, додава Синиора.

Во услови на зголемени тензији, ситуацијата во регионот останува напната. Голем број луѓе стравуваат за иднината на Либан и неговата безбедност. Конфликтот драматично ескалира во септември со бран израелски напади во кои загина лидерот на Хезболах, Хасан Насрала и повеќето од неговите високи команданти.
Александар Петрески
