Наместо да има работно искуство во областа на јавните набавки, потребно е само да има посебни познавања за темата, стои во предлог законот за јавни набавки потпишано од повеќе пратеници на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со што владеачкото мнозинство со едно гласање за закон по скратена постапка би ги сменила сите членови на Комисијата за јавни набавки и би избрала нов состав, но само од редот на праници со правосуден испит.
Пратениците предлагаат во комисија да може да членуваат само правници со завршен правосуден испит кои што работат повеќе од 5 години ама со правосуден испит. Мнозинството сметало дека искуството во јавни набавки не е битно па немсто идните членови и претседател на комисијата да имаат 5-годишно искуство во областа на јавните набавки потребно е да имаат „посебни познавања од областа на јавните набавки или постапките за доделување договори за концесии и јавно приватно партнерство“. Потпишаните пратеници во својот предлог-закон не предвиделе кој и како ќе ги проверува посебните познавања на темата јавни набавки. Дополнително со условот положен правосуден испит пред најмалку 5 години значи дека најсериозни кандидати за овие државни функции ќе бидат или адвокати или правници од државен сектор со правосуден испит.
Првите реакции се дека вакво менување на закон без никаква консултација со експертите и невладините кои работат во антикорупциските активности е лоша и несоодветна и упад во системот. Мора да има дебата, порача Платформата на граѓански организации за борба против корупција, откако владеачкото мнозинство, со помош на неколку опозициски пратеници и гласот на поранешниот премиер Ковачевски издејствува менување на два закони со кои експресно ги менува членовите на комисијата за заштита на конкренцијата и второстепената државна комисија за управни спорови.
Со оглед на тоа што фокусот на овие законски измени е токму на составот и изборот на членови на независни институции, се стекнува впечаток дека целта на измените е да се изберат нови состави на овие комисии по мерка на новата власт. Ваквиот упад во работата на институциите кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт, претставува опасен преседан и води кон дополнителна партизација на институциите, велат од Платформата на граѓански организации за борба против корупција.
Премиерот Мицкоски пак смета дека мора да има промени бидејќи истите тие невладини организации се жалеле дека голем дел од јавните набавки се само со еден понудувач и дека имало злоупотреби и корупција во набавките на државата и општините.
Во предлог законот од пратеници од владеачкото мнозинство само еднаш е спомнат зборот корупција и нема други нови законски одредби за сузбивање на корупцијата распространета во јавниот сектор преку набавките.
Миомир Серафиновиќ
