Месец и половина откако јавноста ја шокираше веста дека шестмесечно бебе било најдено оставено на клупа во центарот на Велес – обвинителството отвори истрага, а мајката е недостапна за органите на прогонот.
Од ОЈО велат дека таа се сомничи за кривичното дело „Запуштање и малтретирање на дете“. За ова дело, во Кривичниот законик е предвидена казна затвор од најмалку десет години.
Бебето било пронајдено од страна на случаен минувач, во тешка здравствена состојба и на моменти до смртта.
Потоа, во текот на предистражната постапка, било утврдено дека ДНК профилот на бебето и ДНК анализата на осомничената се совпаѓаат.
Обвинителството побарало мерка притвор за мајката и предлогот е прифатен од страна на судот.
Но, таа сега е во бегство, откако претходно отишла во посета на бебето додека било во болница, по што си заминала и не се вратила.
„Сега осомничената е биолошка мајка на бебето, која со грубо запоставување на својата должност за родителска грижа и воспитување го запуштила своето новородено дете и во услови на исклучително висока температура на воздухот од над 40 степени целзиусови, го оставила на клупа, необлечено, неухрането и дехидрирано“, се вели во дел од соопштението на Јавното обвинителство.
Веднаш откако било пронајдено, бебето било однесено во велешката болница.
Таму му било констатирано тешко нарушување на здравствената состојба, доенчето тежело само четири ипол килограми, видно неухрането, со течна столица, често повраќало и имало исушена кожа.
Според информациите, мајката е 20-годишна девојка.
Бебето сега е ставено под старателство на Центарот за социјална работа и сместено е во детски дом.
Петар Догов