Владејачката коалиција Вреди обвини за политичка корупција со набавката на видеолотариски терминали од страна на Новата државна видеолотарија НОВО ВЛТ во изборниот период. Во компанијата пак, велат дека тендерот е спроведен според законот, и оти со дневнопартиските пресметки им се нанесува сериозна корпоративна штета.
Доминантен сопственик на оваа фирма е Државната лотарија, а косопственик е ХТЛ Македонија, фирма во целосна сопственост на австриски Новоматик.
Според Вреди, обвинителството треба да го истражи договорот за набавка на лотариски машини, односно видеолотариски терминали склучен на 13 јуни, еден месец по завршувањето на изборите, а пред да се формира нова влада.
Тендерот од скоро 19 милиони евра го добива ХТЛ Македонија, која е еден од сопствениците на НОВО ВЛТ. Оваа фирма била единствен понудувач на тендерот. Тоа значи дека НОВО ВЛТ му го дала тендерот од 19 милиони евра на својот косопственик – странскиот ортак на државната лотарија.
Дали е точно дека во моментот на потпишувањето на рамковната спогодба – договор за јавна набавка, пазарната цена на еден видеолотариски терминал била 3600 евра? Дали е точно дека поединечната цена за еден видеолотариски терминал која е договорена во рамковната спогодба – договор за јавна набавка изнесува 10 илјади евра или за 6200 евра поскапо од неговата пазарна вредност? Дали е точно дека вкупната вредност на набавката чини неверојатни 9,9 милиони евра поскапо од пазарната вредност на видеолотариските терминали? Во чии џебови ќе заврши разликата од речиси 10 милиони евра само од овој тендер, праша Беким Сали од Коалицијата Вреди.
Тој го впери прстот во ДУИ, со оглед на тоа што тројца од петмина членови на надзорниот одбор на НОВО ВЛТ се, како што рече, членови на ДУИ блиски до Артан Груби – Омер Буњаку, Артин Спахију и Перпарим Бајрами.
Во фирмата ХТЛ Македонија велат дека Сали намерно употребува прашална форма за да избегне одговорност за невистините. Велат дека на тендерот можел да се пријави секој.
Наводните пазарни поединечни цени за еден видео лотариски терминал се апсолутно неточни и за износите со кои се претставува некоја фантомска разлика одговорно тврдиме дека не може во никој случај да се набават нови видеолотариски терминали. Согласно фактот дека меѓу другото Новоматик е еден од најголемите производители на апарати за игри на среќа на светско ниво, ХТЛ како нивен претставник имаше најповолна понуда, велат во ХТЛ Македонија.
Австриската компанија Новоматик, преку својата македонска фирма ХТЛ Македонија, ги поседува МА Гаминг и Мастербет, кои ги имаат лиценците за коцкарниците Астра и Адмирал.
Преку македонската фирма Макотен, австриски Новоматик ги поседува лиценците за казината во скопскиот хотел Мериот и во хотелот Фламинго во Гевгелија.
Срѓан Стојанчов