Две коцкарници може да останат без лиценците за работа, а фирмите што приредуваат коцкање преку интернет ќе бидат мета на проверки дали ги исполнуваат условите. Се чешлаат и другите фирми кои приредуваат игри на среќа.
Министерството за финансии поднесе иницијатива до владата да им се одземат лиценците за приредување игри на среќа на две фирми кои не се ги плаќале давачките. Поднесено е барање до истражните органи да утврдат дали и за колку е оштетен буџетот. Министерката не кажа за кои фирми се работи.
„Барем едната од фирмите е основана во 2022 година и од 2022 година до денес нема платено ниту еден денар каква било давачка во буџетот и сето тоа е констатирано во записник од страна на Управата за јавни приходи. Значи дали има одредени оштетувања кон буџетот, има, затоа што има пред сè давачки кои согласно законот требало да ги плаќа. Е сега, во колкав обем, треба да утврдат надлежните органи, затоа што треба да знаеме колку работеле, што работеле и врз основа на испитувањата што ќе ги направат ќе знаеме и ќе имаме повеќе детали“, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска.
Министерството за финансии има издадено 30 лиценци за организирање игри на среќа во автомат клубови, 8 лиценци за спортски обложувалници и 8 лиценци за казино. Автомат клубовите и обложувалниците имаат по десетина локали со иста лиценца.
Обложувалниците плаќаат лиценца за три години, која чини 105 илјади евра. Лиценцата за автомат-клуб важи 6 години и чини 78.750 евра. Лиценцата за казино чини 600 илјади евра за шест години.
Автомат-клубовите плаќаат по 375 евра месечно за секој автомат и по 675 евра месечно за секој електронски рулет. Казината плаќаат плус 3000 евра месечно за секоја рулет маса, и уште по 1750 евра месечно за другите маси за коцкање.
Само по овој основ државата наплаќа по над 1 милион евра месечно.
Според податоците на Управата за јавни приходи, граѓаните во 2022 година година во спортските обложувалници уплатиле над 50 милиони ливчиња за 187 милиони евра. Откако ги исплатиле добивките, им останале 37 милиони евра.
Разликата меѓу уплатите и исплатите во автомат клубовите ширум земјата минатата година била над 150 милиони евра, а тогашните шест казина направиле 35 милиони евра плус.
Скоро една четвртина од разликата меѓу уплатите и исплатите треба да завршат во државната каса.
Срѓан Стојанчов