Вести Македонија

Медицинските сестри бараат докази и расветлување на случајот со тримесечното бебе со модринки по телото

Многу прашања засега се без одговор, за случајот со тримесечното бебе со модринки по телото.

Семејството тврди дека медицинска сестра од Клиниката за детски болести насилно постапувала со бебето поради меѓуетничка нетрпеливост, од установата сѐ уште молчат, а институциите сега се на потег.

Од Здружението на медицински сестри велат дека будно го следат целиот случај и најмалку што очекуваат е надлежните да излезат со вистински аргументи и факти.

Како што претходно објави медиумот ПорталХ, семејството се сомнева дека детето било жртва на вработено лице во клиниката.

Министерот Таравари најави итно расветлување на случајот и одговорност за медицинската сестра со деценија и половина работен стаж, ако се докаже дека сестрата го тепала бебето.

А, претседателката на Здружението на медицински сестри, Гордана Бешлиовска, со апел – да не се фрла сенка на професијата и да не се генерализира, затоа што така трпи фелата, а во моментов нема никакви докази за нехуман однос.

„Во овој момент не гледаме и не согледуваме никаква вина, со оглед на тоа дека ниту министерот Таравари досега никогаш не ја посочи вината према медицинска сестра, сѐ додека не излезат со адекватни податоци од страна на Комисијата којашто е формирана за да го увиди случајот како таков. Тоа што е најважно сега е дека не смееме да ги подигнеме работите во смер на генерализирање на целата сестринска професија и на какви било основи. Медицинските сестри во болниците не се бројат по национални реторики. Ние сите исто согоруваме во болниците, на сите нѝ е иста задачата и сите сме заедно“, вели во изјава за медиумите Гордана Бешлиовска, претседателка на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки – „За нас“.

Сега, стручна комисија на Клиниката за детски болести треба да ги утврди сите факти во случајот и да открие дали нехумано третирање или пак специфична здравствена состојба, е причина за модринките по телото на тримесечното бебе.

Телма се обиде да добие одговори од менаџментот на клиниката. Новоназначениот директор Реџеп Мемеди не сакаше да открие никакви новости за случајот, вели Комисијата ќе работи, а јавноста ќе биде информирана кога ќе има нешто ново да се сподели.

На кратко прашање – дали ќе го повика Обвинителството да се вклучи во случајот, Мемеди не даде конкретен одговор.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Возачот Васил Јованов призна вина за несреќата во која ја прегази Фросина Кулакова  на пешачки премин

Дејан Дејан

Почнува националната еко акција „Генералка викенд“

Дејан Дејан

Трамп: Изборот на американски папа е „голема чест“ за САД

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе