Вести Македонија Топ вести

Над 100.000 граѓани немаат документи за гласање на избори, ДИК предложи измени на Изборниот законик, Собранието на потег

Месеци на неизвесност за илјадници граѓани. Институциите со бројни дилеми, но без одговор на прашањето – како ќе гласаат оние без документи.

Откако патните исправи со старото уставно име станаа неважечки документ со кој не може преку граница, граѓаните чекаат информации – дали ќе може да се искористи барем за гласање на изборите.

„Повеќе од 100.000 граѓани кои имаат право на глас, поседуваат патна исправа со старото име, а притоа немаат важечка лична карта. Над 15.000 лица кои поседуваат документи со старото име се сликани за нов документ и истите им се во процес на издавање. Исто така над 1.000 лица од денот на распишување на изборите до 08 мај ќе станат полнолетни, а воедно не поседуваат нов документ“, велат од Министерството за внатрешни работи. 

Од МВР брифираат дека ќе побараат од Владата да предложи законски измени до Собранието, за регулирање на начинот на идентификација.

Министерот Тошковски, за Телма потврдува дека ова е во истата насока како и измените кои ги предложи претседателот на Државната изборна комисија, да може да се гласа со старите пасоши.

Предлог-измените на Изборниот законик веќе се наоѓаат во Собрание.

„Ние како Државна изборна комисија дадовме предлог и тој веќе се наоѓа во Собранието. Предлагаме да се направи измена во Изборниот законик, во којашто ќе има преодна одредба само за овие избори, за да важат и старите, но важечки документи на изборите. Така ќе може сите граѓани да си го остварат своето гласачко право. Дали тоа ќе се усвои или не, зависи од Собранието“ изјави претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.

Во меѓувреме, пропадна предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за продолжување на важноста на пасошите со старото уставно име, до крајот на годината. Владејачкото мнозинство во Собранието не го прифати предлогот, измените на Законот за патните исправи да одат на дневен ред и по итна постапка.

Прашањето за остварување на гласачкото право пред неколку дена го отвори и Народниот правобранител. Насер Зибери на прес-конференција се осврна на лицата кои во меѓувреме наполниле или ќе наполнат 18 години, а немаат ниту лична карта, ниту пасош.

Омбудсманот тогаш ја повика Владата на некоја од наредните седници да ги разгледа можните решенија на овој проблем.

„Дел од тие лица имаат патна исправа, но за жал со стар образец, што значи дека согласно постојната регулатива тие исправи се невалидни за учество во изборниот процес. Сметаме дека доколку Владата не преземе нешто, голем број граѓани може да бидат ставени во ваква деликатна ситуација“ изјави Насер Зибери, Народен правобранител, на 01.03.2024 година.

Дополнително, од МВР известија дека во среда ќе се отвори нов пункт за вадење лични документи, којшто ќе се наоѓа во рамки на Центарот за обука во Идризово.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи нови кадровски решенија по одлуката на Таравари

Дејан Дејан

Врховниот суд ја укина пресудата со 3 години затвор за Васил Јованов, но Кривичниот ја наведе како отежителна околност при изрекувањето на 12 години затвор за прегазувањето на Фросина Кулакова

Дејан Дејан

Петрески: Трошокот за општеството е поголем од унгарски кредит, бидејќи каматната стапка ја плаќаат даночните обврзници

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе